Tuesday, May 24, 2016

Добредојдовте почитувани родители!


Ви благодариме што го одбравте блогот Здрава храна, здрави деца.
Наменет е да ви даде информации за воведувањето на дохраната кај бебињата и совети за здрава исхрана на вашите деца. Целта е да ви го олесниме секојдневието со корисни совети и разни рецепти и да ви помогнеме да ги најдете одговорите на најчестите прашања кои ги мачат родителите, а се поврзани со исхраната на бебињата и децата.
Здрава храна, здрави деца е блог чија цел е да ја подигне свеста за наметнување на здрави навики во исхраната уште во самите почетоците ( од бебиња 6+ месеци). Наменета е за сите кои сакаат да научат нешто ново и да прочитаат совети за здрава исхрана.
Пред да започнете да го користите овој блог, важно е да знаете дека иако содржината е според препораки од разни извори, мора да се консултирате со педијатар или стручно лице кое најдобро знае кога и како се започнува со воведување на цврста храна кај бебињата.

Воведување на цврста храна кај бебињата

Пред да воведете цврста храна кај вашето бебе, важно е да се консултирате со педијатар или стручно лице.
Институтот за јавно здравје на Република Македонија во „ПРИРАЧНИК ЗА ПРАВИЛНА ИСХРАНА НА ДОЕНЧИЊА И МАЛИ ДЕЦА“ советува:
 Актуелните препораки за доење сугерираат ексклузивно доење во првите 6 месеци од животот, а потоа започнување со дохрана. Иако дохраната може да почне порано, сепак таа не треба да започне порано од 17-та недела од животот на бебето.
Тоа е многу важно да се знае од следните причини:
*      Раниот почеток на дохранување може да доведе до отфрлање на мајчиното млеко, односно бебето ќе престане да посакува мајчино млеко;
*      Бебињата можат да бидат изложени на некои микробиолошки предизвикувачи на болести;
*      Зголемување на ризикот од болести поврзани со дијареа и алергии, заради сè уште незрелиот стомачно-цревен систем на бебето.
Сепак, дохранувањето не треба да започне и подоцна од 6 месеци затоа што:
*      Недоволниот внес на енергија и важни хранливи материи може да доведе до забавен раст на бебето;
*      Може да се појави неисхранетост;
*      Може да се појави железодефицитна анемија;
*      Можни се и попречувања во физичкиот и интелектуален (ментален) развој на бебето;
*      Може да се појават проблеми со исхраната во иднина и намалено прифаќање на храната во периодот на раното детство.

Бебето е подготвено за дохранување доколку:
*      Почнува да покажува интерес за храна;
*      Способно е да седне иако сè уште му треба помош;
*      Сака да џвака и става предмети во уста;
*      Способно е да посегнува и прецизно да фаќа;
*      Изгледа дека е гладно и по доењето или хранењето со млеко.

Нешто што е многу важно и што треба да се знае е дека дохранувањето треба да почне кога детето е потполно здраво.
Ако веќе сте се советувале со педијатар, тогаш:
Првите неколу месеци од својот живот, бебето е исклучиво на мајчино млеко или адаптирано млеко. Откако ќе наполни 6 месеци, ќе треба да се започне со специјална исхрана со дополнителна нутритивна вредност и калории кои ќе ги добие преку цврстата храна.
Цврстата храна е предвидено да биде дохрана, односно не треба да се прекине со доењето или давањето на адаптирано млеко.
На почетокот од воведувањето на дохраната важно е да знаете дека таа не е наменета да го нахрани вашето бебе колку што е важно да го научи бебето да јаде, да се научи на новите вкусови и новата структура. Кога за прв пат ќе му дадете на вашето бебе да јаде можеби ќе ви изгледа дека плука или дека не јаде или голта правилно. Затоа е важно да бидете свесни дека јадењето е вештина како и седењето или одењето и таа треба да се научи како и секоја друга вештина. Тука  трпеливоста и упорноста треба да бидат приоритет.
Бебето мора да научи како да џвака храна ( или буквално да ја шматка додека не научи правилно да јаде), да ја движи храната во уста со јазикот, да ја турне во грлото и да ја голтне. Вештината како да јаде бара време да се совлада, па бидете трпеливи додека вашето бебе научи.
Важно е да ја вежба оваа вештина околу 6-7иот месец од неговиот живот. Тој период е наменет за да вежба и учи, па цврстата храна ќе биде наменета за тоа, додека подоцна веќе ќе стане потреба и начин за добивање дополнителна нутритивна вредност и калории. На 8-9 месечна возраст кога ќе започне да се движи и лази ќе има потреба од дополнителни калории кои ќе ги добива преку дохраната, односно ќе ја надокнадува енергијата преку цврстата храна.




Цврстата храна и не е навистина цврста!

No comments:

Post a Comment