Tuesday, May 24, 2016

Воведување дохрана

Пред да воведете цврста храна кај вашето бебе, важно е да се консултирате со педијатар или стручно лице.
Институтот за јавно здравје на Република Македонија во „ПРИРАЧНИК ЗА ПРАВИЛНА ИСХРАНА НА ДОЕНЧИЊА И МАЛИ ДЕЦА“ советува:
Актуелните препораки за доење сугерираат ексклузивно доење во првите 6 месеци од животот, а потоа започнување со дохрана. Иако дохраната може да почне порано, сепак таа не треба да започне порано од 17-та недела од животот на бебето.
Тоа е многу важно да се знае од следните причини:

  • Раниот почеток на дохранување може да доведе до отфрлање на мајчиното млеко, односно бебето ќе престане да посакува мајчино млеко;
  • Бебињата можат да бидат изложени на некои микробиолошки предизвикувачи на болести;
  • Зголемување на ризикот од болести поврзани со дијареа и алергии, заради сè уште незрелиот стомачно-цревен систем на бебето.
Сепак, дохранувањето не треба да започне и подоцна од 6 месеци затоа што:

  • Недоволниот внес на енергија и важни хранливи материи може да доведе до забавен раст на бебето;
  • Може да се појави неисхранетост;
  • Може да се појави железодефицитна анемија;
  • Можни се и попречувања во физичкиот и интелектуален (ментален) развој на бебето;
  • Може да се појават проблеми со исхраната во иднина и намалено прифаќање на храната во периодот на раното детство.

Бебето е подготвено за дохранување доколку:

  • Почнува да покажува интерес за храна;
  • Способно е да седне иако сè уште му треба помош;
  • Сака да џвака и става предмети во уста;
  • Способно е да посегнува и прецизно да фаќа;
  • Изгледа дека е гладно и по доењето или хранењето со млеко.


Нешто што е многу важно и што треба да се знае е дека дохранувањето треба да почне кога детето е потполно здраво.
Ако веќе сте се советувале со педијатар, тогаш:
Првите неколу месеци од својот живот, бебето е исклучиво на мајчино млеко или адаптирано млеко. Откако ќе наполни 6 месеци, ќе треба да се започне со специјална исхрана со дополнителна нутритивна вредност и калории кои ќе ги добие преку цврстата храна.
Цврстата храна е предвидено да биде дохрана, односно не треба да се прекине со доењето или давањето на адаптирано млеко.
На почетокот од воведувањето на дохраната важно е да знаете дека таа не е наменета да го нахрани вашето бебе колку што е важно да го научи бебето да јаде, да се научи на новите вкусови и новата структура. Кога за прв пат ќе му дадете на вашето бебе да јаде можеби ќе ви изгледа дека плука или дека не јаде или голта правилно. Затоа е важно да бидете свесни дека јадењето е вештина како и седењето или одењето и таа треба да се научи како и секоја друга вештина. Тука  трпеливоста и упорноста треба да бидат приоритет.
Бебето мора да научи како да џвака храна ( или буквално да ја шматка додека не научи правилно да јаде), да ја движи храната во уста со јазикот, да ја турне во грлото и да ја голтне. Вештината како да јаде бара време да се совлада, па бидете трпеливи додека вашето бебе научи.
Важно е да ја вежба оваа вештина околу 6-7иот месец од неговиот живот. Тој период е наменет за да вежба и учи, па цврстата храна ќе биде наменета за тоа, додека подоцна веќе ќе стане потреба и начин за добивање дополнителна нутритивна вредност и калории. На 8-9 месечна возраст кога ќе започне да се движи и лази ќе има потреба од дополнителни калории кои ќе ги добива преку дохраната, односно ќе ја надокнадува енергијата преку цврстата храна.

Воведување на нови вкусови

Родители, вие кои сте на почетокот на воведувањето на дохрана на вашите бебиња особено е важно да внимавате како ги воведувате вкусовите. Иако некои се нетрпеливи и сакаат што побрзо да го научат и навикнат детето на повеќе намирници, сепак тоа не е препорачливо од повеќе причини.



За навикнување на секој нов оброк треба да му се даде на бебето период од околу четири недели, за неговите органи за варење и метаболизам да не се изложат на преголем напор. Освен тоа, на тој начин ќе имате можност навреме да препознаете дали новороденчето е алергично на некој продукт. Тоа е особено важно за доенчињата со фамилијарна алергиска предиспозиција кон одредена храна или, пак, бронхијална астма, целијакија. Откако ќе се пробаат одредени продукти поединечно, тогаш може да се комбинираат и заедно.
Воведувањето на новата исхрана треба да биде постепено. Секој нов продукт се внесува на секои 4-5 дена или не повеќе од две нови работи во текот на една седмица и тоа од една до две лажички дневно, со постепено зголемување во текот на следните денови. Кон крајот на првата година од животот, откако сте го поминале периодот на адаптација со вашето малечко кон новата исхрана, малото дете има 5-6 оброци дневно, од кои три главни оброци и две ужинки.

No comments:

Post a Comment