Wednesday, May 25, 2016

Препораки за зголемување апетит кај деца



Можеби најтешката работа за една мајка е да се справи со слабиот апетит кај своето дете. Но за среќа колку и да изгледа тоа тешко тоа е појава која не трае засекогаш.
Начелно треба да се прави разлика помеѓу немање апетит и избирање на храна. Најчесто се работи за второто. Децата јадат, но само тоа што сакаат да го јадат, тоа што не им се допаѓа го одбиваат.


Во таков случај треба да се анализираат навиките на детето. За да се изеде со сласт еден оброк освен што треба тој да биде вкусен треба да помине и доволно време од последниот оброк за да се јави глад, односно потреба од храна. Кај децата кои се помали од 1 година воведувањето нова намирница секогаш треба да биде постепено и истата да се дава на гладно, ако детето е сито, секако поголеми се шансите да се одбие. Потоа во нудењето треба да се биде упорен, се нуди намирницата постојано и упорно додека бебето не сфати дека кога тогаш ќе мора да ја проба, и дека од кога ќе ја проба истата ќе ја добива и понатаму. Затоа е добро по воведувањето на нова намирница истата да се дава неколку дена постојано. Доколку не сака да ја прифати и по долго инсистирање ,треба да се смени комбинацијата, постои истражување во Англија кое покажало дека како и ние возрасните исто и децата едноставно некои комбинации на храни не ги сакаат, односно ја одбиваат комбинацијата, а не храната.


Доколку одбиваат зеленчук а преферираат овошје тоа е бидејќи овошјето е слатко, тогаш неприметно ќе го намалите количеството на овошје, и ќе нудите зеленчук.
Кај деца 12+  месеци треба да се направи распоред на оброци, чие време не треба да варира постојано. Најважно од се е да не се дава храна која заситува меѓу два оброци. Што значи доколку сакате да дадете храна за која однапред знаете дека детето не ја обожува, почекајте да стане гладно. Ако го одбие целиот оброк, не попуштајте да даете нешто заменско што го сака, не е страшно да се пропушти еден оброк, почекајте го приближно времето на следниот( не го нудете на секои 15 мин) и понудете го истото, доколку повторно го одбие, и ако поминале повеќе од 6 часа тогаш дадете нешто друго..Ако секогаш кога детето одбива оброк му понудите нешто омилено како замена, се почесто ќе одбива чекајќи го она што следи, па така ќе се доведете во ситуација да го наградувате неговото одбивање.
Искуството покажува дека деца кои избираат храна имаат чести ужинки, кои не ги најадуваат, но се доволни да им го расипат апетитот(посебно ако грицка нешто постојано). Инсистирајте на 3 главни оброци, и само 2 ужинки без грицкање измеѓу.
Многу е важно да се запази ритамот на јадење. Детето од мало треба да научи дека додека јаде треба да мирува, а не да се шетка или игра наоколу а некој да трча по него и да го храни. Оброкот треба да има времетраење, не треба да трае повеќе од 20 минути, без разлика на количината која за тоа време ја изело. Исто така не практикувајте "ќе седиш додека не изедеш"! Како и возрасните и децата некогаш јадат повеќе некогаш помалку. На крајот на денот направете рекапитулар што изело вашето дете и количински и како разновидност, затоа што честопати мајките не се задоволни од изеденото иако тоа е сосема доволно за детето.
Заблуда е дека некои видови храна отвараат апетит, тоа не е точно. Точно е само дека кај децата кои се избирливи и не сакаат големи количества храна, треба да внимаваме да даваме храна со голема нутритивна густина( хранливост) за да со помалку калории добиеме поголем нутритивен квалитет.
Што порано ги вклучите децата во припремата на храната и им дозволувате сами да се хранат тие ќе бидат поспремни да прифаќаат различни видови храна.
Немање на апетит како појава во која детето не ужива во ниеден вид храна, и не е расположено за јадење речиси никогаш, е друг посериозен проблем, Ако таа состојба трае повеќе од 5 дена треба да се консултирате со педијатар, за тоа време погрижете се да се примаат доволно течности.
Кога детето нема апетит додека е болно и настинато треба да знаете дека е нормално, исто така по боледување треба извесно време апетитот да се врати во нормала, иако ние сите мислиме дека баш тогаш треба да се јаде повеќе за да се оздрави.

No comments:

Post a Comment