Friday, August 5, 2016

Поддршка на доењето

Затоа што е светска недела на доењето денес ќе ја споделам и раскажам мојата приказна на темата.
Можеби не сум стручна, ама затоа сум искусна. Единствено жалосно е што искуството морав сама да го стекнам, а обично треба помош. Доењето е вештина. Поготово за мајката. Бебињата го имаат инстиктот, но ако мајката ја нема упорноста ништо од дружбата. Некои мајки тоа го совладуваат лесно, а овие како мене потешко.
Затоа понекогаш сум упорна во споделување и зборење на она што го научив, а тоа е дека секоја мајка има има млеко, но не и упорност и желба. Мојата беше уште поголема затоа што ќерка ми е алергична на формула, па и немав голем избор. Голем непријател на лактацијата се лошите совети, особено од нашите педијатри, патронажни сестри и стручни лица со кои неретко имаме контакт во првите денови кога е клучно да се воспостави правилно истата.
Јас ја имав „среќата“ да ми се паднат оние со лоши и застарени совети и методи, па така и ја открив алергијата на нешто што го има во адаптираното млеко.
Ова се случуваше првите 28 дена, тазе мајка, појма немав од пелени, не па од млеко, лактација и правилно доење. Ама за среќа има една докторка, др Јулија, која несебично го споделува своето знаење и искуство во група на ФБ, со нас „неуките“ мајки по ова прашање. И благодарејќи на неа, доев успешно 21 месец. Ова успешно ми е ептен гордост особено што доев на една града цело време.
Затоа не верувам во приказните дека мајките немаат млеко. Имаат, само треба да сакаат.
За жал, тоа што доев на една града, а не е воопшто лесно, се случи од лошите совети дека дете цица на 3 саати и да давам чајчиња за грчеви. Секоја капка течност, значи помалку млеко.
Лактацијата е прост процес: колку побарувачка, толку потрошувачка.
Ако можев да дојам упорно на половина час, па потоа да се одмолзувам за да произведам повеќе млеко, да не спијам со ноќи едно 6 месеци ( не дека потоа спиев, но ова беше особено потешко заради одмолзувањето)  за да оддржам правилна лактација, да јадам се што е препорачано без да мислам воопшто на изглед и лепота, тогаш секој може.
Мајката треба и мора да јаде се прво за да издржи, второ за да има млеко. Медицината се уште не открила што ги предизвикува грчевите кај бебињата и не може со сигурност педијатар или доктор да ми каже не јади одредена храна за да не предизвикуваш грчеви.
Доењето не е нешто со работно време, тоа нема време.
Кога ќе ги споиш доењето и часовникот си направил пакт со ѓаволот!
Бебе цица кога сака, колку сака и каде сака!
Е тоа не носи на следната тема: Доење во јавност.
Пред да станам мајка баш ми беше гајле као функционира тој свет ( сосем нормално) и знаев да се чудам како тоа можат да дојат надвор, нели им е незгодно. Ама учиш. Секако ако сакаш и сфаќаш дека е тоа храна. Штета што сфатив доцна и се малтретирав седеќи дома или складирав млеко за да имам кога ќе излезам.
Тогаш сфаќаш дека градите не се сексуален објект, туку извор на живот. Не за џабе се викаат дојки. Примарна дејност им е да произведат млеко и да го нахранат детето. Тоа што мажите ги објективизирале и ги направиле симбол во сексуална конотација, тоа е веќе друг проблем.
Затоа ме вади од такт кога жена ќе искоментира како мајката треба дискретно да дои, да го покрие детето со марама или пелена или да се скрие.


Прво нема недискретно доење; ниедна од нас не ја вади цицката за некој да ја гледа туку за да го нахрани детето.
Кога ќе се покриете сите вие со тој став додека шматате по ресторани, можеби и ќе размислам на тоа ( НИКАКО!) и последно, ако за вас вецето е средина за хранење, бујрум до шоља и удрете по една шопска.
Жалосно е што е 21 век, да не пишувам сега кој какви права бара и пробува да сруши табуа, се уште имаме мислења како тоа дека мајките што дојат треба тоа дома да го прават и дека сме луди што доиме до 2,3,4 години. Греота е да слушаш и читаш коментари како млекото не чини после 12 месеци ( не е Фруктал сокче со рок), како создаваме нездрави врски со децата, особено мајките на машки деца ( ми се плаче), па секојдневно добиваш совети како тие погоре со часови и датуми, па каде и пред кого да доиш.....

Да не ги набројувам придобивките од мајчиното млеко ниту олеснувањето со скоковите во развој, заби, настинки, бактерии, вируси, периоди на нејадење и сл.
Јас сум горда што издржав 21 месец успешно да дојам на една града. Горда затоа што ми беше пеколно тешко, уште погорда затоа што уживав. Уживав во секој момент, секоја секунда. Чувството дека нешто си создал, па го оддржуваш во живот со своето тело е бесценето. Плачев додека учев како да дојам, уште повеќе кога престанав.
Ама се радувам на искуството, особено што повторно ќе го доживеам доењето, овој пат спремна и похрабра:)

Информации кои го поткрепуваат моето тврдење дека скоро секоја мајка има млеко:

Кога следниот пат ќе ви каже некој дека немате млеко, имајте факти на ваша страна: Бројките велат вака. 1-5% во светот е статистиката за мајките кои немаат млеко. Во овие бројки не се ставени само мајките кои немаат воопшто млеко, туку и мајките кои немаат доволно млеко. Проблемот е неинформираноста, неупорноста, немање поддршка и вистински совет. Тука настанува недовербата на жените во основната биолошка функција на дојките, а тоа е производство на млеко. Стручните лица велат дека е тоа и лажен недостиг на млеко. Најчесто мајките ова го поврзуваат со првите млазеви млеко кои се проѕирни и поводести. Оттука излегла и мислата за слабо млеко. Иако постојат жени кои воопшто не можат да произведат млеко, нивната бројка е мала и се работи за екстремни случаеви како недоволно развиени жлезди, рак на дојка, синдром на хипопластични гради, намалување на градите или целосно отсранување на ткивото или др операции и тироидна нерамнотежа. Ако во минатото исто како денес секоја втора мајка се сомневала во своето тело и се откаже, немало да преживееме толку години, денес не би постоеле како вид. Она што бебето може да го исцица и мајката да го измолзе не е исто. Особено кај жени со помала лактација. И за ова со помалку лактација стручните лица ќе кажат дека најчесто мајките прозведуваат доволно млеко, но бебињата не успеаваат да го исцицаат, па затоа и некогаш ја губат тежината а жената се сомнева во себе. Затоа е битна упорноста и советите од вистински луѓе. )



п.с. Затоа што не очекував дека некој нема да ја разбере поентата еве дообјаснување за стекој кој не знае да процени кога некој некого осудува:
Ова погоре напишаното дека секоја мајка има млеко не е исто со секоја мајка можеда дои. Некои мајки не смеат затоа што мора да примаат лекарства кои не се пријатели на доењето, а мора да ги пијат заради здравствени причини. Не се однесува на мајки кои имаат физички проблем, не се однесува на мајки кои заради психички проблеми не смеат да дојат и сл.
Горе напишаното се однесува на сите мајки кои почнуваат, да знаат дека ако се здрави и немаат никакви пречки како овие што ги споменав дека можат да дојат. А дали сакаат тоа е веќе нивна работа. Но причина како немав млеко, едноставно е неприфатлива бидејќи секоја мајка има предиспозиција да создава млеко. Оние кои не можат, е тоа  може на прсти да се изброи во светски рамки.
                                     Елче

1 comment:

  1. Bravo majka i jas dojam i te poddrzuvam vo se.POZ

    ReplyDelete