Friday, October 28, 2016

6+ прашања со Маги Самарџиевска

За да можеме да ја доближиме здравата исхрана и подготвувањето на оброци за бебиња од 6 месеци па нагоре од денес ќе имаме по едно интервју со нашите членови, пријателите на групата, поддржувачите на здравата исхрана и секако специјалисти, педијатри и нутриционисти.
Маги, како еден од нашите членови кој редовно е вклучен во групата, со постирање на рецепти но и со давање издржани совети, ќе ја има честа прва да одговори на нашите 6+ прашања преку ќе ги запознаеме и ќе ви доловиме дека подготвоката на здрави оброци не тешка и не треба многу време.

Многу твои рецепти секојдневно се готват, повторно се постираат од членовите, што значи дека не се само здрави туку се и вкусни. Но пред да ни кажеш од каде толку инспирација, да направиме еден вовед околу дохраната и нејзиното започнување со Софи, вашата ќерка.

Кога почнавте со дохрана и дали сами одлучивте кога да започнете или се тоа беше во консултација со матичен педијатар и по препорака на стручните лица?


Со пробување вкусови почнавме 1 недела пред мојата ќерка да наполни 6 месеци, и тоа пробување вкусови траеше одприлика 1 месец, многу внимателно, со давање на мала количина од намирницата и постепено зголемување на количината во траење од 3-5 дена по ред, па потоа пауза од неколку дена до следната намирница. Тоа значи дека дохрана во вистинска смисла на зборот, бебето да изеде оброк со количина и намирници приспособени на неговата возраст воведов скоро на 7 месеци.Пред воопшто да почнам со пробување вкусови и дохрана, опширно се информирав на темата, многу читав и истражував, а секако се консултирав и со нашиот матичен педијатар во Австрија, кој беше на ставот дека дохрана се воведува со наполнети 6 месеци, без разлика дали бебето цица или е на адаптирано млеко.

Торта од гриз и боровинки за првиот роденден на Софи

Од него добив одлични совети и документ со ред на воведување намирници кои е многу сличен со табелата која ја има во групата, со тоа што ми беше нагласено со млеко, млечни производи и јајце( и жолчка и белка) да почекам за воведување по навршена 1 година, кој совет секако го послушав.



Како здравиот начин на исхрана влијае врз здравјето и напредокот на вашето дете?


Можам да кажам дека навистина има огромно влијание. Детето е полно со енергија, има идеална телесна тежина за нејзината возраст, успешно одолева на сезонските вируси и настинки, а оние кои сепак ке ја нападнат ги поминува брзо и лесно. Редовна е во градинка од свои 14 месеци, здраво и срекно дете на кое уште од најмала возраст се трудиме да му пренесеме колку е важен здравиот начин на живот и здравата и избалансирана исхрана за целокупното живеење. Никогаш не сме користеле суплементи на витамини или дополна на железо од типот на сирупи или таблети, а детето има одлична крвна слика и ниво на хемоглобин во совршено нормални рамки, исклучиво од храна. Но секако покрај здравата исхрана многу внимаваме да е физички активна, минимум по 4 часа дневно поминува надвор во игра и физички активности на отворено, а секој слободен миг го користиме да сме во природа, на сонце и чист воздух.

рецепт

Дали е тешко да се внимава секогаш да се дава здрав оброк? Дали начинот на подготовка ви одзема повеќе време бидејќи многумина мислат дека е тоа комплицирано и тешко?


Воопшто не ми претставува тешкотија, баш напротив ми претставува исклучително задоволство па подготвам интересен оброк, кој ке биде вкусен и истовремено здрав. Многу внимавам на потеклото и квалитетот на намирниците кои ги користам во подготовка на оброците, оброкот да е избалансиран и да ги содржи сите потребни состојки и тие да се правилно искомбинирани,а оброците секогаш да се свежо подготвени пред конзумирање. Со добра организација и планирање може многу лесно и едноставно да се подготви избалансиран здрав оброк од квалитетни намирници за исклучително кратко време.

рецепт


Дали готвите само за Софи или здравите оброци се на менито за целото семејство? Колку влијание има примероткој го даваме на децата: им велиме да јадат брокула, а ние ручаме пржени компирчиња?


Додека Софи беше помала, одприлика до 18 месеци, секогаш одделно ги подготвував оброците, бидејки бев ограничена со зачините и намирниците. Но јадевме ист тип на храна, само кај неа приспособен на возраста( без одредена состојка, како на пр. печурки, јатки и се она што се воведува подоцна во исхраната, или без одредени зачини). Сега веке целото семејство конзумира исти оброци.

рецепт

Колку групата Здрава храна, здрави деца ви е од корист? Дали ја користите апликацијата Бебе Готвач?


Групата е одлична и навистина уживам секогаш кога ги разгледувам нејзините содржини. Има одлични рецепти, содржајни и квалитетни документи, интересни фотографии и корисни совети. Секој ден од неа учам нешто ново и интересно и тоа ми претставува особено задоволство.  Апликацијата Бебе готвач е исто една интересна идеја која произлезе од групата, и која ја отварам во момент кога ке ми снема идеја и инспирација што да зготвам дента. Многу ми се допага што е прегледна и рецептите се поделени по месеци, па сметам дека тоа ке биде корисно за мајките кои штотуку почнуваат со дохрана.

апликација

За крај, еден совет до сите оние кои се скептични околу здравата храна и исхрана и често знаат да кажат дека живееме во загадена средина, јадеме овошје и зеленчук со пестициди, па зашто не би дале и чоколади и најстрашното од се: како сме ние растени, што ни фали?


Загадената средина во која живееме навистина има погубен ефект врз целокупното здравје и квалитетот на животот кој го имаме. Со цел да неутрализираме барем дел од тој погубен ефект, треба да се стремиме кон воспоставување на здрави навики во исхраната и конзумирање на здрава и избалансирана храна. Вистина е дека голем дел од овошјето и зеленчукот се преполни со пестициди, но може да се најдат и органски зеленчук и овошје кои се квалитетни и здрави, само треба да се вложи малку повеке труд и средства. Посебна благодет која сеуште ја има во Македонија е можноста овошјето и зеленчукот да ги одгледуваме сами, а секако она што е дома произведено е најздраво.
Домашен оброк без разлика каде е Софи

 Во однос на изреката “Како сме ние гледани и ништо не ни фали” апсолутно не се сложувам и сум запрепастена од игнорантскиот однос на млади мајки и жени, на кои барем денес сите информации им се на дланка, само треба да се потрудат и да сакаат да ги прочитаат. Статистички, огромен е бројот на деца влезени во предвремен пубертет, млади луге со сериозни хормонски нарушувања, секој петти пар се бори со стерилитет и неплодност, секако тука се вбројуваат многубројните гастроинтестални пречки и нарушувања, гастритис, чир, огромниот пораст на бројот на деца и возрасни со сериозни вродени и стекнати алергии и најалармантно - појавата на канцер на се порана возраст. Се тоа влече корени од најраното детство и невнимавањето на квалитетот на храната која се конзумира, дополнети со екстерните фактори како загадената средина и стресното секојдневие во кои живееме. Поборник сум за здрава исхрана и инсистирам стриктно на 3 здрави, квалитетни и избалансирани оброци во текот на денот, дополнети со многу свежо овошје и природни цедени сокови како ужинка, но внимавам и да имаме баланс во секојдневието, па не сметам дека е грев некоја коцка чоколада или топка сладолед на лето за задоволство, или ретко и повремено да имаме излет па да отидеме семејно на пица или Виенска шницла. Секако, внимаваме овие задоволства да ни се редок исклучок, а не правило во исхраната.

рецепт

No comments:

Post a Comment