Monday, January 9, 2017

Се околу почетокот на дохраната на децата: алергии и алергени намирници

Дохрана на бебињата

Почетокот на дохрана не значи и престанок на доењето односно адаптираното млеко. Дохраната значи токму тоа што го кажува насловот: Додавање на некоја друга храна покрај мајчино или адаптирано млеко.

Воведувањето на дохрана е возбудлив дел од родителството. Често пати сме љубопитни, нестрпливи, а дури и престрашени... Како децата ќе ја прифатат новата храна со сите вкусови, коишто се разликуваат од мајчиното или АД млекото?

Здравствените експерти и експертите за доење,се сложуваат дека е најдобро да се почека бебето да наврши шест месеци пред да му понудиме друга храна. До полни 6 месеци, мајчиното млеко или АД млекото, ги задоволува сите потреби на бебето.  Веќе понатаму, како што растат потребите на бебето е потребно воведување на дохрана.

Алергии

Важна причина за одложување на воведување на дохраната е големиот пораст на алергии на храна. Дигестивниот систем кај доенчето не е доволно зрел и ги пропушта несварените состојки од храна, со што се зголемува ризикот од алергии.  Алергиите може да се забележат на кожата, систем за варење или дишните патишта. Со навршени шест месеци, организмот на бебето е имунолошки позрел, цревната слузокожа непропустлива, а ако бебето сепак е алергично, тоа се покажува најчесто во рок од неколку дена и така најлесно може да се забележи заради која намирница е предизвикувач на алергија и може да се отстрани од менито на бебето.



Алергиските реакции се различни:

  • кожни реакции ( пеленски осип,уртикарија,ангиоедем,атописки дерматитис,јадеж, црвени очи)
  • орален алергиски синдром ( чувство на печење или јадеж на јазикот, отоци на јазикот, усните или грлото )
  • реакција на дишните патишта ( симптоми на астма и алергиски ринитис, кашлање, кивање, течење на секрет од нос или затнат нос )
  • симптоми на системот за варење ( грчеви, надуеност, гасови, запек, мачнина, повраќање и пролив)

Реакциите можат да се јават во било кој период во животот, но најчесто во првите години.

Алергени намирници

Детето може да развие алергија на секоја намирница, ако истата се воведе во неприкладен период или ако детето има историја на алергии и склоност во семејството.

Намирниците кои најчесто предизвикуваат алергии се:
кравјо млеко, јајца, риби и морски плодови, житарки, соја, кикирики, ореви, бадеми, лешници, бадеми, киви, јагоди.

Алергиските реакции на храна неретко се предизвикани и од додатоците (адитивите) во храната. 

Најчестата алергиска реакција е реакцијата на кравјо млеко. Ова се објаснува со фактот дека белковините на кравјото млеко се најчесто првите надворешни белковини со кои доаѓаме во контакт. Во кравјото млеко се наоѓаат дваесетина состојки коишто можат да предизвикаат алергиска реакција, а при тоа нивната алергеност не се намалува при процесот на пастеризација.
Околу 50 % од болните кои што се алергични на кравјо млеко, алергични се и на козјо, а постои можност да се развие и осетливост на соино млеко. За среќа, преосетливоста на кравјото млеко често не е трајна, па повеќето од децата на коишто им е потврдена алергија на кравјо млеко е алергична до третата година. Честа причина за алергиска реакција се и јајцата (почеста е алергијата на белка, отколку на жолчка) т.е риба и морски плодови.

Од овошјето, најчести алергени се кикирики, ореви, бадеми, лешници, бадеми, киви, јагоди.
Може да се јават реакции и на брашно (пченично, јачменово, пченкарно), домат, магдонос и сенф.

No comments:

Post a Comment