Monday, March 27, 2017

Д-р. Александар Митов на тема: Дополнителна исхрана кај доенчето

Едно од поважните и потешки прашања кои ги мачат родителите, особено новите е кога е правилното време за започнување со дохрана? Од нашето искуство можеме да забележиме дека има многу голем број на родители кои се интересираат на темата, но има и такви кои не ги следат препораките на здравствените организации и матичните педијатри, па најчесто прават грешка како воведување цврста храна прерано и тоа во најголем број според сопствено убедување. 
На оваа тема го замоливме  д-р. Александар Митов да го сподели своето искуство и знаење. На многу детален начин добивме анализа на неколку релевантни, меѓународни и национални, официјални препораки за дополнителна исхрана на деца до 12 месечна возраст. 




Д-р. Александар Митов:
Најнапред да објаснам што се „Препораки? Педијатриските асоцијации во поединечни земји даваат општи препораки за различни аспекти на детското здравје (на пример, за исхраната) кои периодично ги корегираат.
И во самата група („Здрава храна, здрави деца!) видливо е огромно разногласие на оваа тема. Свесно се повикувам на официјалните препораки и само нив ги цитирам, со цел да се намалат дилемите од типот: „мене педијатар ми рече такаили „јас мислам дека така е подобро”. Кој како сака може да си мисли, без разлика дали е лекар или не, но постојат официјални препораки кои се донесени врз основа на голем број научни студии и разумно е да се почитуваат. Се разбира, во ретки случаи можни се и отстапки и за таква одлука лекарот мора да има конкретна причина зошто се отстапува од препораките.
Во процесот наречен дохрана, Митов, како „нестручен“ совет ќе ја посочи компетитивноста кај мајките.
 Д-р. Александар Митов: по секоја цена избегнувајте дружење со компетитивни мајки, a и самите не бидете такви. На што мислам? „Ние супер лапкаме!”, „морав да му додадам, уште сакаше!,” и слични муабети... Не се дружете со некој кој ви скорива јадови. Најдобронамерно Ве советувам: дистанцирајте се од мајки чие дете „јаде ко за двајца, расте како Супермен, рецитира песни на 9 месеци, не проодува туку веднаш протрчува” и слични муабети. Ништо од ова не е вистина, ама вистинито ќе биде лошото чувство кое ќе ви надвисне над главата.
Од анализата на препораките за исхрана до 12 месеци,  Д-р. Александар Митов ќе ги каже следните заклучоци:
1.Доење (ексклузивно т.е. доење и ништо друго!) до 6 месеци. Доењето потоа би требало да продолжи по можност и до крајот на втората година.
Во првите 6 месеци само млеко (без сок, житарки или друго) е став на следните организации:
·         World Health Organization
·         UNICEF
·         Health Canada



2. Кога да се почне со дохрана? Американската педијатриска асоцијација вели: „околу 6-от месец. Ист е ставот и на Светската здравствена организација. Околу 6-месец. Најрано може да се почне со наполнети 4 месеци, НО само(!) со присутни развојни  капацитети за хранење кај детето.Во неодамнешната анкета која ја имавме на Здрава храна, здрави деца дојдовме до резултати кои се зачудувачки во однос на тоа дека мајките многу ретко се консултираат со матичните педијатри кога да се почне со дохрана.Затоа  Д-р. Александар Митов ќе посочи дека почнувањето со дохрана прерано носи ризици, а не бенефиции. Кај деца на вештачко млеко може да се почне и порано, но не пред полни 4 месеци. Причината за тоа е бидејќи вештачкото, сепак, не е мајчино млеко и не ја има истата хранлива вредност.

Уште една дилема со која се соочуваат родителите е со која храна, односно намирница да се започне, дали со овошје, зеленчук или житарки, дали ако се почне со овошје, бебињата нема да сакаат зеленчук и обратно. 
За одговор на ова прашање Д-р. Александар Митов ги користи препораките од АПА.

1.Со која храна да се почне? Американската педијатриска асоцијација (АПА), во извештајот „Светла иднина, трето издание 2008, вели: „Нема докази за тоа со која храна да се почне и со кој специфичен редослед”. Според истиот извештај „редоследот на видовите на храна не е критичен доколку клучните нутриенти кои го надополнуваат млекото се присутни во исхраната.
АПА препорачува житарки зајакнати со железо и пасирано месо како добар избор за прва храна, особено за деца кои се на доење бидејќи содржат железо, цинк, протеини и други нутриенти. Овие храни имаат најмала веројатност да предизвикаат алергиска реакција”.Американската Академија за нутриција и диететика утврдила: „Редоследот на давање различни видови храна не е одреден. Традиционално се даваат најнапред житарки (од еден вид), проследено со зеленчуци, овошја и меса”.Кај нас постои друга школа која вели: овошни сокови, па овошни каши, па каши од зеленчук, па мешункаст зеленчук, па на крајот каши од месо.Сепак, бидејќи сите се согласуваат дека нема научни докази за специфичен редослед – се остава поголем простор за избор.





2.  Колкава количина? Секоја нова храна во почетокот се дава во мала количина (1-2 мали лажички дневно) и постепено се зголемува до цел оброк.Во овој период детето треба да се навикне да јаде со лажичка.Новата храна не треба да се воведува кога детето е најгладно, затоа што постои поголема можност да ја одбие непознатата храна. Не е пожелно да се внесува нова храна и кога е болно, бидејќи тогаш не е расположено ни за претходната храна, ни за новата и непознатата. Ако детето ја одбива новата храна, не треба да се применува притисок или бескрајно долго да се настојува да ја прифати.Сепак, според АПА, некогаш се потребни 10 – 15 обиди пред детето да ја прифати новата храна.
 Многу родители не консумираат месо и останати производи од животинско потекло, па најчесто тоаквиот начин на исхрана го практикуваат и во бебешкото мени. За да се хранат децата само со растителна храна, родителите мора да се многу повеќе информирани и да истражуваат што се е потребно да се внесе во исхраната, а тоа да не потекнува од животни. Д-р. Александар Митов го поддржува овој начин на исхрана и ги наведува организациите кои потврдуваат дека е адекватен за сите, па дури и за најмалите.

Деца на растителна исхрана. Некои родители одбираат да ги хранат своите деца со растителна исхрана, избегнувајќи го пред семесото, а можеби и останатите производи од животинско потекло.
Децата на таква исхрана можат да бидат 100% здрави и јас го поддржувам и препорачувам  таквиот избор на родителите. Дополнително, подолу наброениве организации потврдуваат со сопствени изјави дека таков вид на исхрана е адекватен за секоја возраст, вклучително за време на бременост, доење и во најраните фази од детството.
Academy of Nutrition and DieteticsDietitians of CanadaThe British National Health ServiceThe British Nutrition FoundationThe Dietitians Association of AustraliaThe United States Department of AgricultureThe National Health and Medical Research CouncilThe Mayo Clinic.The Heart and Stroke Foundation of CanadaHarvard Medical School Алергии. Најголемото изненадување во оваа тема доаѓа токму во областа на алергиите. Имено, минатиот месец АПА ги измени препораките за внес на кикирики кај деца кои се под ризик да ја развијат оваа алергија.
Сега се препорачува ран внес на кикирики кај најризичните групи (се разбира, не како цели кикирики заради опасноста од гушење). Меѓутоа, ова е само еден пример како науката може за брзо време да еволуира и да ни се променат сфаќањата: во 2000та АПА препорачува кај најризичните деца да не се даваат кикирики до полни 3 години, а сега се препорачува уште во периодот меѓу 4-6 месеци.
Ова го споделувам за да се сфати динамиката на создавањето на препораките и како тие се менуваат, дури и во релативно кратки периоди. Затоа мора да се чита континуирано и да се следат трендовите во медицината, а ова особено важи за самите лекари!
При сомнеж за алергија, секако, препорачувам консултирање со педијатар и соодветни тестирања пред да се преземат чекори за внес на потенцијални алергени. Темата за дополнителна исхрана е многу широка и уште долго време ќе остане отворена и ќе претрпува многу измени.
 


Корисни линкови поврзани со дохрана на бебиња:

Воведување дохрана


Се околу почетокот на дохраната на децата: возбудливиот почеток на дохраната 





No comments:

Post a Comment