Monday, April 3, 2017

Важноста нa правилно комбинирање на намирниците

Често поставувано прашање е како да ги комбинираме намирниците, особено кога станува збор за оброците на нашите деца. На оваа тема, која сите не интересира, разговаравме со нутриционистот Надица Илиевска. 



Надица, што всушност се мисли кога се зборува за правилно комбинирање на намирниците?

Во последно време се повеќе се зборува за правила кои треба да се следат во однос на комбинирање  на прехрамбените намирници во еден оброк. Во тој контекст се препорачува одредено комбинирање на храната со цел да се постигне подобро и целосно искористување на нутриентите, како и подобра дигестија. Крајниот резултат треба да биде подобро здравје преку правилна исхрана. Морам уште на почетокот да нагласам дека не постојат официјални препораки за комбинации на прехрамбени намирници кои треба или не треба да се комбинираат. Ниту пак постојат релевантни  научни студии кои ќе дадат проверени факти.
Сепак науката за храна водејќи се од хемискиот состав на намирниците и начинот на кој храната се дигестира во организмот  дава објаснување кои се пожелни комбинации на храна, а кои не. Секој тип на храна во зависност од својот состав е поврзан со различни биохемиски процеси во организмот кои имаат различен тек. На пример шеќерите почнуваат да се разградуваат уште во устата, овошјето брзо го напушта желудникот и преминува во тенките црева, дигестијата на протеините започнува во желудникот и завршува во тенките црева а мастите имаат уште покомплексна дигестија. Ако на тоа додадеме дека во природата храната никогаш не е изградена само од еден тип нутритиви за миг ни се чини комбинирањето на намирниците многу комплицирано. Ќе се обидам да ги поедноставам работите.

На што всушност треба да внимаваме кога готвиме?

На вашите деца давајте што поедноставни оброци во кои нема многу видови намирници, ова правило не важи за зеленчукот, тој може да се комбинира со се и колку е поразновиден толку подобро.

Според вас, кои комбинации на намирници треба да ги избегнуваме?

Избегнувајте комбинации на јаглени хидрати со  протеини или со масти. Оброк од компир и месо се дигестира и до 6 часа кај децата а кај возрасните и подолго.
Овошјето најдобро се дигестира кога се јаде самостојно како ужина, или најмалку 40 мин пред оброк, со исклучок на скробните овошја кои може да се комбинираат со житарки.
Млечните производи исто така добро се согласуваат со зеленчукот. Додека јогуртот, киселото млеко и кефирот се смета дека  може да се комбинираат со житарки,некои типови овошја и јатки.
Мешунките се комбинираат со житарки, па така гравче се јаде со интегрален леб или житарки за да се пополни амино-киселнскиот состав, но не и со месо.

А што кога станува збор за протеините? Постои верување дека риба и млечен производ не смее да се комбинира. Колку е тоа точно?

Во еден оброк треба да има протеин од еден тип. Ова го нагласувам поради честите прашања дали може да се комбинира риба со млечни производи? Науката е децидна, комбинацијата не предизвикува штета. Сепак праксата покажува нешто друго, оваа комбинација предизвикува индигестија и не спаѓа во пожелните комбинации на храна. Иако се работи за претежно протеинска храна рибата и млечните производи се дигестираат различно, млечните производи ја забавуваат дигестијата на рибата и резултат е невозможност на комплетна дигестија и асимилација на протеините од рибата. Честа појава по ваков оброк е подуеност, гасови, подригнување, лош здив. Затоа јас лично не ја препорачувам.

Што би додале за крај?

Добро избалансиран оброк треба да даде енергија и свежина. Појава на умор, поспаност непосредно по оброк честопати е резултат на отежната дигестија поради неправилно комбинирана храна.
Како заклучок, еден дел од правилата на добра исхрана вклучува и правилно комбинирање на прехрамбените намирници. Со тоа овозможуваме добра кондиција на дигестивниот систем и  зголемување на способноста да се дигестира и асимилира храната која консумираме.

No comments:

Post a Comment