Thursday, June 15, 2017

Поддршка на доењето, група за поддршка на мајки доилки

Денес, во ерата на електронската комуникација и безбројните мрежи за комуникација, да дојдеш до информација е многу лесно. Но, не секогаш знаеме која од нив е вистинската и правилната, посебно кога станува збор за здравјето. Најпопуларен и најприфатлив начин на комуникација особено кај мајките се многуте тематски групи на најголемата социјална мрежа Фејсбук. Поради овој факт, лесно се одлучивме да започнеме со една нова, малку поинаква група, а тоа е Поддршка на доењето.



Среќни сме и задоволни што уште првите денови добивме огромна поддршка од мајките кои доеле, дојат и сакаат да дојат, а особено  сме задоволни што веднаш добивме поддршка од стручни лица кои несебично се нафатија да им помогнат на сите оние кои имаат прашања, дилеми и проблеми со овој процес.
Правилата на групата се строги, а концептот ќе биде како и во Здрава храна, здрави деца, односно ќе се потрудиме на секоја ваша дилема или проблем да ви помогнеме со статии кои соодветно ќе ги селектираме и постираме во групата се со цел полесно и побрзо пребарување.
Иако поддршката од средината, најблиските и оние кои веќе го поминале процесот на доење е многу важна, сепак стручни лица се секогаш потребни. Затоа и во оваа група ќе имаме тим од две советнички за доење кои безрезервно се приклучија.



Даница Ивановска Лепојевиќ и Анастазија Терзијева Илиева веруваат во силата и умешноста на секоја жена да помине низ искуството на бременоста, породувањето, мајчинството и доењето со радост и смодоверба. Затоа, веќе неколку години, работат со бремените жени и новите мајки на нивната холистичка подготовка за породување и мајчинство на повеќе „фронтови“.


Даница Ивановска Лепојевиќ 

Доењето е еден од нив. Својата едукација како советнички за доење ја поминаа како дел од програмата на хрватското реномирано здружение РОДА (Родитељи у акцију), а наскоро ќе почнат со едукација на првата македонска генерација на советнички.


Анастазија Терзијева Илиева

Освен ова и Анастазија и Даница се наставнички за пренатална јога, а Даница е и психолог и дула. Дополнително, Даница Ивановска Лепојевиќ го основаше и Женскиот центар АСТАРТА, како уште еден обид на жените да им се приближи идејата за правото на информиран избор и промовирањето на природното во овие фази од животот на жената.
Даница и Анастазија како дел од оваа група,  кога ќе има потреба ќе одговараат на вашите постови, а нивните коментари и постови ќе бидат означени со  #sos, што ќе овозможи полесно распознавање дека тие одговори се од стручни лица, а и ќе го олесни пребарувањето на нивните одговори. 
Исто така ќе продолжиме да истражуваме и да ви пишуваме на тема доење, а како и досега ќе користиме проверени и релевантни извори. Секогаш кога ќе има прилика и др, Александар Митов ќе ни пишува корисни информации на оваа тема.

Се надеваме на продуктивна дружба и многу поучна комуникација на тема доење и дека ќе ги искорениме табуата и ќе ви овозможиме полесно доење преку корисните информации.

                                                                                                            Тимот на Поддршка на доењето

No comments:

Post a Comment