Monday, July 31, 2017

Поддршка на доењето: „Од мајките кои дојат за мајките кои ќе дојат“ - Ирина Наков

Успешната доеничка приказна на Ирина Наков


Секоја доеничка приказна е посебна, единствена, за некого лесна и успешна, за повеќето огромен и тежок предизвик, особено ако се соочувате сами, без помош. Таква е и приказната на Ирина Наков, која балгодарејќи на нејзината упорност, заврши успешно. 


„Читај, едуцирај се, спреми се на време, ќе ти треба“ – Зборовите на другарка ми Елена Петковска, која се породи 2 месеци пред мене. Но јас бев толку незаинтересирана и воопшто не помислував какво патешествие ме чека со доењето. Се зачленив во групата „Соба за доење“ на др. Јулија, но не се заинтересирав да почнам да читам.
Породуваањето ми беше стресно. Почнав природно, но за жал, на крајот се породив со царски рез. Бидејќи сум голем паничар инсистирав да биде со целосна анестезија. Одкако се разбудив скоро 3 дена бев на интензивна нега (немаа соби). За тоа време бебето си го видов само еднаш, во туѓи раце, во моментот кога се будев од анестезија. Ниту памтев како изгледа, ниту имав чувство дека сум родила и дека некој ме чека. Кога помислувам на овие моменти, не можам да си ги сопрам солзите...



Бебето го видов прв пат 3 дена по породувањето. Ми го донесоа, го ставија во креветчето и толку... Бевме оставени сами на себе. Немаше никакви совети за тоа како да го дојам, всушност не знаев ни дека треба да го дојам. Да, можеби звучи застрашувачки, некој ќе рече „како можеше“, „па нели си мајка“... Но да, може. Големиот шок, раната, болката што ја чувствував, инјекциите што ги примав на секој саат, го направија своето. Ниту еден момент не помислив „Имам ли млеко?“, „Како да го дојам?“, „На колку време треба да се дои?“... Сестрите доаѓаа на 3 саати, ќе му бутнеа шприц во уста, ќе го нахранеа, а јас немо гледав. По 2 дена заедно, една сестра дојде во 12:30 по полноќ, да по полноќ, и ме праша, „мајка вие цицавте“. „А што е тоа? Па јас немам млеко.“ Рече да земе шприц за да ми ги извлече брадавиците и ќе дојде да ми покаже. Ја немаше повеќе од еден час. Се врати, јас веќе спиев, нормално и бебето. Ме разбуди, ми ја истегна брадавицата со шприцот, и осетив болка како никогаш до тогаш. Го искуба бебето за коса, мислам скалпот му го извади и му ја бутна градата во уста. Тоа шокирано, не знае дали да плаче, да шмука, збунето. Двајцата останавме збунети, расплакани, а таа само рече„ ете вака треба, сега можеш сама“. И толку беше од помошта на стручните лица во болницата. Јас не успеав да го наместам да цица. Не ни видов дали тече колострум. Фала богу, не ни знаев што е тоа.
Излеговме од болница по 2 дена поминати заедно. Јас не сакав да му давам адаптирано млеко. Немав млеко, он не знаеше да фати и издржавме 24 саати дома. Потоа не задржаа на детска клинина. Бебето имаше жолтица (да, со жолтица го испуштија), беше дехидрирано и мораше да прима инфузија. Таму бевме можеби 6 дена, не знам, ми се чинеа како вечност.
Тоа ме разбуди и реков, „мое дете нема да пие хемија, ќе направам се, само да го дојам“. По совет на педијатрите на детска клиника, прво се одмолзував, колку толку, му го давав со цуцла моето млеко, па го дохранував. Рекоа „прво твоето мајка, да се научи на твојот вкус“.
Почнав да се одмолзувам еден час пред секоја дохрана. Денот ми се претвори во тоа, одмолзуваање, цел ден, цела ноќ. Имав навиено саат еден час пред дохрана, да се разбудам, ме чека работа.
Кога стигнавме дома, се уште немав доволно млеко, па мораше да продолжам да го дохранувам. Но, продолжив со одмолзување. Не сакав да се откажам.
Тогаш седнав да прочитам се што имаше др. Јулија ставено како документи во нејзината група „Соба за доење“. Ги читав и постовите на мајките, советите што ги добиваат и се обидував да се научам прво јас, што да правам, па потоа да го научам бебето. А он, он си го сакаше шишето. Му ја даваше храната лесно и брзо. Но не се предавав.
Се одмолзував, 24 часа во денот, цели 3 недели. Се одмолзував додека не почна крв од ноктите да ми тече, буквално. Колку и да болеше, со рака беше најдобро да се поттикне лактацијата. Пумпите за одмолзување не можеа да го постигнат тоа, да добијам доволно млеко.
Постигнав лактација, по 3 недели. Потоа следеше друг тежок чекор, како да го научам бебето да цица. Не сакаше ни да се потруди. Ја тргаше главата, правеше фацки на гадење.
Со бебето во скут, лаптопот пред мене, комуницирав со др. Јулија секојдневно и учев како да го дојам, како да го држам, како да го натерам да ја фати брадавицата. Др. Јулија ме советување да се обидам со цуцла која ќе го натера да се труди, па потоа со силиконски брадавици. Затоа ја земав на Медела, Calma. Со неа требаше да се труди, сам да шмука за да добие млеко. И почна да го развива инстинктот на цицање. Потоа почнав да го дојам со силиконски брадавици. Првиот пат кога фати и кога видов дека тече млеко и дека голта, мислам дека беше најсреќниот момент. Цицаше сам. Песната Happy на Фарел ми пееше во глава хахаха.
Оставив да се навикне на доењето со силиконски брадавици околу недела дена, а за тоа време постепено почнав да го намалувам адаптираното млеко. По една недела ги тргнав силиконските брадавици и... и успешно. Бебуш цицаше!!! Цицаше по цел месец одкако се роди!!! (Срцето ли трепери додека го пишувам ова, како вчера да беше)
Адаптираното млеко го исфрлив од употреба, моето синче цицаше и не му беше потребно ништо друго! Успеав! Успеав сама, само со помош на Facebook групата „Соба за доење“. Успеав со виртуелните совети на др. Јулија, без помош на наши специјалисти, бидејќи никој не се ни трудеше да помогне, освен да даде совет да давам адаптирано млеко.
Доев успешно, кога бебе сака, колку сака, каде сака, цели 19 месеци. Ќе доев и подолго да не ме одбиеше сам. Одморот и плажата му беа поинтересни од мене хахаха.
Затоа мој совет, до сите мајки кои ќе дојат, едуцирајте се на време, учете и подгответе се на време. Тоа му е потребно на вашето бебе, а и на вас. И никогаш, ама никогаш не се откажувајте. Природата не направила нас жените да доиме, а бебињата да цицаат.

1 comment:

  1. E srekni ste mozete da doprete do stranski strucnjaci za doenje. Koga trebase nie toa da go pravime "SE" bese "PRIRODNO E TOA" Bravo majki

    ReplyDelete