Tuesday, August 15, 2017

Поддршка на доењето: „Од мајките кои дојат за мајките кои ќе дојат“ -Маги Самарџиевска


Приказната на Маги Самарџиевска

Секоја приказна има своја тежина. Најболни се за оние кои ја проживеале, доживеале, поминале, особено ако е од неуспешните, како што вели Маги. Но иако нејзината приказна не со долг доенички стаж, сепак е поучна. Маги вели дека сега ќе учи од грешките, а се надеваме и вие. Но под грешки во оваа приказна не се мисли на мајката туку на оние чија работа е да научат како да ги совладаме доеничките препреки кои Маги ги имала премногу. Ние и посакуваме следната доеничка приказна да е среќна и успешна, без потешкотии и тажни спомени. Со лесно Маги :) 

„Мојата приказна веднаш ке кажам не е од оние успешните..Но е доказ дека во животот не е се црно бело и дека работите некогаш заземаат поинаков тек, колку и да се трудиме и бориме со сите сили да ги насочиме онака како што сме замислиле и посакале. За да не бидам погрешно разбрана од која причина ја кажувам, уште на почетокот ке нагласам дека сум фанатичен поборник за доење и без исклучок го сметам за најприродна и најздрава храна за бебето кое мајката може да му ја овозможи. Чувството на љубов, топлина и специјалната поврзаност се бонусот во кој уживаат и мама и бебе. Нашата “доенечка”приказна полна солзи, крв и болка почна пред 3 години. 


Како трудница бев многу релаксирана и подвижна, имав прекрасна бременост како што би посакала на секоја мајка. Воопшто не се плашев од раѓањето, замислував дека ке ми биде најубавиот ден во животот и дека моментот кога ке ја земам мојата ќерка во раце, во мене ке се активираат најприродните и најубавите мајчински инстинкти и се ке биде супер. Кога размислувам ретроспективно, посакувам да не размислував толку идеалистички и романтично и навреме да се подготвев за она што следува. Иако се приближуваше терминот, некако си велев има време, па се воздржував од некои поголеми припреми. Но првиот доказ дека нема да биде онака романтично и идеално како што јас замислував и посакував се оствари во недела навечер, на денот кога се одржуваа некои си избори во Македонија. Водењакот ми пукна во 9 часот навечер, јас срекна пресрекна се спремив како за на свадба да ке одам, му се јавив на сопругот( кој во тој момент живееше во Виена) дека е време да фака авион и правац ГАК. Првиот шок - Персоналот десеткуван, што заради гореспоменатите фамозни избори што заради викенд и дежурства. Нехуман, нечовечки и понижувачки однос каков што не сум искусила никогаш во животот. Докторката со која се имав договорено да ме породи, ме извиси. Страв и паника бидејки во текот на нокта добив силни контракции но престанав да го чувствувам мрдањето на бебето, контракции секоја минута кои ме парализираа од болка, а за возврат навреди,дерење и пракање да си легнам за да не им досадувам на сестрите. ЦТГ, Ехо, доктор - мисловна именка! Единствената светла точка дојде утрото по исцрпувачи 12 часа со контракции- мојата бабица Силве, со сета нејзина професионалност, ведрина и позитивна енергија. Благодарејки на неа ќерка ми се роди лесно и брзо, за рекорно време, нетипично за прворотка, во првиот ден од 36 недела. 2750 гр и 49 цм бебуле, нетипично за “големи родители”како нас, бебенце кое од “професионалните сестри” доби надимак дека е ситно како глувче. До срце ме доболе... Не задржаа 2 дена на ГАК, во мегувреме никој не најде за згодно да дојде и да ми помогне да го наместам бебето на града. Дојде една сестра која по крвничко притиснување на брадавиците студено констатираше дека сум мајка која нема млеко и најверојатно нема ни да има, го нахрани механички бебето со АД и си замина. Првата жешка шлаканица и првиот пораз. Каде се моите инстинкти?! Зошто моето бебе не сака да цица? Зошто немам млеко?! Милион прашања во измачено и болно тело од непотребна епизиотомија и спазам на бешика од спинална..Хорор.. Упорно се обидував и нудев града, а бебе мирно си спиеше од меше полно АД млеко. Дома ме чекаше уште поголем хорор, соочување со стравот дека моето бебе несака и нема да цица. Се трудев и нудев града 24 часа, но детето никако да повлече. Бонус, добронамерно купено пакување АД ме дочека на маса, заедно со куфер совети за тоа како да бидам добра мајка достојна на задачата. Мислите ми беа преокупирани со доењето и воопшто не обрнував внимание на ништо друго. Истиот ден повикавме Лактацискa советничка кој дојде веднаш, го намести бебето на града, ми покажа неколку позиции, ми разјасни некои работи околу доењето и не остави со надеж дека до следното гледање бебето веке наголемо ке цица. Брадавиците ми се супер, колострум има, млеко ке надојде и бебе ке повлече. Хах..Втора жешка шлаканица. Иако се обидував и применував се што таа ме советуваше, нудев града 24 часа, бебето никако не влечеше, само ја држеше градата во уста и спиеше. Родена предвреме и премногу ситна и слаба, брзо се изморуваше и заспиваше. На совет на лактациската советничка и педијатрите со кои се советувавме, почнав да давам по малку АД само за да спречам дехидрација и бебето добие сила и желба да цица. Во мегувреме се зачленив и во Соба за доење и неколку слични групи убедена дека советите ке ми помогнат и моето бебе конечно ке прифати да цица. Се што ми беше препорачано да јадам и да пијам за да имам повеке млеко, јадев и пиев. Боза, овес, специјални чаеви за доење, грчко семе, вода по 3 литри дневно, специјални мрсни супи од телешка коска и зеленчук од кои ми се креваше желудникот само што ке ги погледнев.. Се, значи се што ми беше кажано и сугерирано дека може да помогне..Нудев града постојано, пробував со компресии, со менување позиции, лежечки, седечки, со перница за доење и без неа. Давав минимална количина АД на почетокот за да се разбуди бебето па продолжував со града, но бебето веднаш заспиваше. Со АД исто имавме проблем, сменивме 100 шишиња и цуцли, но детето одбиваше се понудено или му беа потребни 40 минути за да испие минимална количина од 30 мл млеко. Едноставно не сакаше и несакаше да влече, иако доктори проверија дека нема никаков физички проблем од типот проблеми со јазичето или непцата. Се помегу беше проследено со нејзините хистерични напади на плачење и бес, минимално напредување во килажа, грчеви и болни гасови кои помешани со мојот стрес и очај веке почнаа да ме доведуваат до лудило. Со советничката за лактација се сретнавме во мегувреме уште неколку пати, но како и да го местевме бебето, најголем успех ни беше да повлече неколку пати а потоа да заспие. Одкако малку доби сила, почна силно да се противи и да заога од плачење кога ке и се понудеше да цица, третата недела нападите на плачење станаа хистерични. Во тие моменти да ми понудеше Ѓаволот да му ја продадам душата за да го дојам детето, со двете раце ке му потпишев! По совет на лактацискиот советник земав електрична пумпа за да одржам лактација, се одмолзував па кога ке потечеше млеко ставав бебе да цица, но пак хистерија. На нашата последна сесија советничката констатираше дека треба да продолжам со пумпата бидејки детето не прифака града. Утешна награда - детето ќе пие мајчино млеко иако од шишенце, па можеби и понатаму со упорно нудење некогаш ке прифати да цица. Со пумпата станавме најдобри другарки, секои 2 часа измолзување по 40 минути. Крв, рагади и силна раскинувачка болка каква што никогаш предходно не сум осетила, но во ниту еден момент не се откажав. Алармот ѕвонеше секои 2 часа, а јас не пропуштав сесија. Во мегувреме дење и ноќе, 24/7 нудев града, на секој можен начин... пред да дадам АД, одкако ке дадев АД, на заспано, на полузаспано, на будно, лежечки, седечки, јас да стојам и да ја носам за да цица..уште на трепавици што не се превртев. Моментот кога почна да ја плука градата и да ме удира и бутка со рачињата кога ке и понудев да цица ме скрши. Сето ова се случуваше паралелно со нашата преселба во Австрија, додека го пакував целиот наш живот во куфери и целото наше семејство, пријатели и се што познавав и сакав оставав зад себе. Со сопруг илјадници километри далеку од мене, од нас. Заминав за Австрија кога бебето имаше 2 и пол месеци, се што правев во МК правев и во новата “дома”, во држава во која немав никој свој ниту го знаев јазикот. Ама бев упорна и си давав сила дека морам, дека така треба, дека детето треба да пие мајчино млеко. Алармот ѕвонеше и понатаму, секои 2 часа, дење/ноќе. Во мегувреме складирав измолзено млеко, миев шишиња, стерилизирав, спремав АД, подгревав мајчино, ранев и чував дете, нудев и понатаму града, бев сопруга и мајка, градев живот од 0 во нов дом..Се до октомври месец кога колабрирав и речиси искрвавев една ноќ. Млекото сопре речиси веднаш, од 100 мл на една сесија се сведе на едвај неколку капки. Дијагноза - хормонско пореметување и итна терапија. Не можев да си поверувам дека и покрај цела борба и напор, и покрај огромната желба и вложен труд, животот ми зададе нов удар, нова шлаканица. Се обидував да се утешам дека и покрај се, имам среќно и здраво дете кое барем во првите круцијални 6 месеци доби мајчино млеко(иако не ексклузивно), но психичката траума и акумулираниот стрес од тие 6 месеци ми направија лузна на која и требаа повеке од 2 години да зацели. Се уште плачам кога ке се сетам на мојата борба и мојот неуспех, сеуште се чувствувам како половина мајка од она што требаше и сакав да бидам, но наогам сили да прифатам дека можеби така требало да биде и дека животот не е црно-бел. Во мегувреме сум посветена моето дете да јаде здрава и органска домашно подготвена храна и да е доволно физички активна, па има добар имунитет и е срекно и здраво активно 3 годишно девојченце. Останувам на ставот дека во иднина ке учам од своите грешки и дека за второ бебе нема да прифатам НЕ и НЕ МОЖЕ за одговор, а во мегувреме им пружам безрезервна поддршка и почит на мајките кои ги дојат своите деца, но и оние како мене, кои и покрај желбата и трудот се соочиле од неуспех. За да си дадеме оддишка на душата, бидејки за срекно дете неопходна е срекна и здрава мајка!„

No comments:

Post a Comment