Tuesday, August 29, 2017

Дипл. нутриционист Маја Велковска, дел од екипата на Здрава храна, здрави деца!

Маја Велковска е дипломиран нутриционист. Својата едукација ја има завршено на технолошко-технички факултет – Велес, насока нутриционизам, како првенец на генерација. Има свој блог и Facebook група. Целта и е да да го едуцира населението за нутритивната вредност на храната, за правилен начин на исхрана со цел превенција на болести и одржување добра општа здравствена состојба, диетотерапија при одредени заболувања и состојби, исхрана на различни категории на граѓани (пример-деца, трудници, стари лица...)

Најнапред поразговаравме со Маја во врска со првата исхрана на бебето, односно мајчиното млеко.

Маја, според поновите статистички податоци, во Р. Македонија само околу 25% (2016) од новороденчињата се ексклузивно доени до шестиот месец, а уште позагрижувачко е тоа што процентот на доени деца во 2016год. е помал за разлика од претходните години, што води до прашањето - зошто се забележува таков тренд на опаѓање на процентот на доење?

Најголема причина за опаѓање на процентот на доење - сметам дека е неинформираноста на родителите за тоа колку е важно мајчиното млеко и самиот процес на доење за мајката и за новороденчето; потоа - непостоење или постоење на недоволен број соодветни кадри кои ќе помогнат во едукација на мајките за тоа како успешно да дојат и ќе дадат соодветна помош и поддршка на мајките - доилки, и другата причина е законски нерегулираната промоција на инфант формулите во родилните центри и во педијатриските ординации.
Сметам дека многу од родителите не се доволно информирани за супериорноста на доењето и мајчиното млеко во однос на употребата на инфант формулите и дека воопшто не им е укажано на потенцијалните штетни ефекти (краткорочни и долгорочни) од употребата на инфант формулите.

Зошто ќе кажеш ДА за доењето?

Во продолжение само ќе ви претставам неколку ставови и изјави на Светската здравствена организација во однос на начинот на исхрана кај новороденчиња до шестиот месец, и неколку заклучоци и резултати од одредени студии објавени во национални медицински списанија.

Доењето е поврзано со намален ризик за појава на дебелина на подоцнежна возраст (ако во обзир го земеме фактот дека дебелината е ризик фактор за појава на многу болести тогаш доењето индиректно го намалува ризикот од појава и на сите овие дебелина-поврзани болести и состојби).

Составот на мајчиното млеко се адаптира на моменталните потреби на новороденчето.
Доењето се поврзува и со мало намалување на крвниот притисок во подоцнежните години од животот (заштитниот ефект на доењето во поглед на висок крвен притисок не е значаен-според досегашните резултати, но сепак постои основа за вакво тврдење поради постоење на неколку логични механизми според кои може да се објасни позитивниот ефект на доењето во поглед на намалување на висок крвен притисок).

Доените новороденчиња вообичаено имаат повисок коефициент на интелегенција, т.е. доењето овозможува и поддржува добра когнитивна функција.

Мајчиното млеко е многу полесно сварливо за разлика од инфант формулата и е она што е природно наменето за дигестивниот систем на новороденчето.

Мајчиното млеко е единствениот извор (во поглед на другите начини на исхрана кај новороденчињата) на антитела кои овозможуваат одлична заштита на новороденчето од разни инфективни агенси.

Доењето го намалува и ризикот од појава на дијабетес мелитус во подоцнежниот тек на животот.

Доењето е најефективниот метод за намалување на општата смртност кај новороденчињата бидејќи тоа е докажано најдобар начин за спречување и третирање на дијареа кај новороденчиња и е најдобра заштита од појава на респираторни инфекции кај новороденчињата (дијареата и респираторните инфекции се водечка причина за смртност на новороденчињата).

Доењето има и одредени заштитни и позитивни ефекти и кон мајката- т.е. недоењето е поврзано со повисока стапка на рак на јајници, постменопаузален рак на дојка, дијабетес тип 2, инфекција на миокардот, и метаболичен синдром.

Зошто НЕ за инфант формулите?

Новороденчињата хранети со инфант формула бележат повисока стапка на смртност од болести и имаат поголем ризик за појава на одредени заболувања и состојби – како во доенечкиот така и во подоцнежниот период од животот (дијабетес, дебелина, понизок коефициент на интелегенција, респираторни инфекции, инфекција на уво, дијареа, срцеви заболувања, астма, алергија).
Поврзани се со поголема стапка на некрозен ентероколитис (изумирање на ткивото на дебелото црево кај новороденчето).
Се одликуваат со потешка сварливост за разлика од мајчиното млеко.
Не содржат антитела.
Не се „природно“ наменети за исхрана на новороденчињата туку сепак претставуваат индустриски добиени производи.
Не можат да го надополнат емоционалниот и психолошкиот ефект на доењето.



* Текстот се однесува на сите здрави мајки и здрави деца, а доколку мајката или новороденчето се соочуваат со одредена болест/состојба тогаш се разбира треба да се следат препораките на соодветно стручно лице и треба да се избере начинот на исхрана кој е најсоодветен за постоечката состојба. И се разбира дека секоја мајка има право на избор во однос на начинот на исхрана на своето новороденче, но се надеваме дека овие информации ќе ви помогнат да го одберете најбезбедниот и најдобриот начин на исхрана за вас и за вашето новороденче.

No comments:

Post a Comment