Sunday, August 6, 2017

Поддршка на доењето: „Од мајките кои дојат за мајките кои ќе дојат“ - Билјана Димовски

Приказната на Билјана Димовски

Понекогаш целито тој период после породувањето е стресен и попратен со сите оние добро познати расположенија кои се менуваат во секунда. Тогаш можеби е уште потешко да се биде упорен и трпелив да се совлада вештината доење, но мајките се најсилните суштества на светот, па знаат дека и тоа ќе го издржат лавовски! Еве еден таков пример:

Прв пат станав мајка во 2008-ма година. Ги немаше овие групи за совети, а мислам дека на почетокот немав ни ФБ. Интересно е тоа што за време на целата бременост, ниеднаш не помислив на доењето, тоа некако се подразбираше само по себе, едноставно немав друга опција, не купив ни шишенца, за секој случај. Син ми се роди на 16.10. Многу лесно и брзо. Бидејќи во болницата во Битола, во родилната сала се два бокса еден до друг, одделени само со една прозирна завеса, само што ме средија, донесоа друга родилка. Син ми веќе на големо се дереше и им пречеше, па акушерката ми го стави на града, дури лежев на бокс. Првиот контакт-незаборавен! Благ шок, ми дојде како нешто неочекувано, зошто воопшто не се спремав за доење. 


Плус акушерката демотивирачки изјави како имам вовлечена брадавица и тешко ќе дојам. АМА ДОЕВ. Цели 23 месеци. Не се откачи од мене. Млеко ми надојде после 3 дена, само што си дојдов дома, па ме фати ужасна паника од болките, жештините, разранетите брадавици, неспиењето.....Ниеднаш не помислив да се откажам. Немав друга опција МОРАВ да дојам. Така бев програмирана, и за среќа, природата тоа успешно го среди. Имавме и грчеви, и скокови во развој, и како растеше, наместо намалување на подои, ние имавме периоди на константно висење на града. Едно време мислев дека го дојам едноставно од што не знам што друго да му правам. Беше и си остана многу изискателно дете, со каприци. Бев убедена дека ако му ускратам града, тој сепак ќе се буди на буквално секој саат ноќе, па ќе треба да трчам по шишиња. Значи, доењето сепак ми остана единствена опција. Пред да наполни 2 години, веќе бев навистина преморена, па ја завршивме таа приказна. Плачеше малку, повеќе плачевме јас и таткото. Последиците- скоро 10 кг минус од пред да забременам, изретчена коса, виснати дојки, подочниците уште повеќе. Придобивките- само една единствена настинка во сите тие 23 месеци, бескрајно галење и мазење, лесно вадење на запчиња, утеха за сите болки. Не верував дека ќе ми недостига некогаш 
Вториот пат беше мнооогу полесно. И второто дете ми беше полесно, да сум реална. Го родив во приватна болница, каде одвај ми го дадоа да го дојам, со изговор дека прво мајката треба убаво да се одмори од пороѓајот, па после да се грижи за детето. Дигнав мала револуција, зошто млеко ми надојде уште 4-5 часа после пороѓајот, па сепак ми го дадоа да го дојам. Се беше полесно, и опоравувањето од пороѓајот, и грижата за бебето, и доењето....АМА, нова сопка! Неколку недели подоцна, силен БејбиБлу, на граница со постпородилна депресија.  Час се смеев, час плачев. За постарото дете одвај можев и да се грижам. Бебето те го гушкав, те сакав да не го гледам до мене. Ужас еден! И пак токму доењето беше тоа што ме извлече. И иако се зарекував дека нема шанси веќе толку долго да дојам, втората приказна траеше цели 2 години и 7 месеци. Убавини. Одбивањето на крај двојно потешко за мене, зошто знаев дека е дефинитивно крај. Не планирам повеќе деца.
Верувајте дека и сега, 2 и пол години после завршувањето на се тоа, мислам дека да земам бебе на града, веднаш можам да го дојам! Толку ми е тоа природно и така ми е поставен мозокот. За време на сите тие години имаше многу пререкувања од страна, зачудени погледи и безобразни коментари од тотално непознати луѓе. Ама ич не ми беше гајле! Гајле ми беше само за тоа дека имам две совршено здрави и прави деца, со одличен имунитет до ден денес, кои цело време одлично напредуваа и ја прифаќаа буквално секоја храна која им ја понудив. Доењето воопшто не ни беше пречка во тоа.
Посакувам секоја жена да го доживее моето искуство, непроценливо е, и многу полесно од што си мислиме. Само верба во себе, во природата, и позитивни мисли.

1 comment:

  1. Bravo majka,si go odbrala vistinskiot pat!

    ReplyDelete