Tuesday, August 8, 2017

Поддршка на доењето: „Од мајките кои дојат за мајките кои ќе дојат“ - Весна Ѓурковска Каеска

Приказната на Весна Ѓурковска Каеска


Советите и поддршката од стручните лица се многу важни, но доколку мајката нема самодоверба, доењето може да тргне на погрешен пат. Самодовербата е клучна кај една мајка. Таква е приказната на Весна. Таа во ниеден момент не се посомнева во себе и способноста да дои.

„ Многу да внимаваш да не фатиш маститис! Тоа е најстрашното и најболното искуство, кое може да заврши со хируршка интервенција! “
Вака, како ехо ми одекнуваа зборовите на најблиските непосредно пред денот на кој на свет го донесов мојот син.
И така започна една приказна на едно релативно долго дружење на тема доење и однос мајка доилка – бебе доенче. Беше природно, беше предизвик, но и болно. Болно, не заради рагади и крв на градите, болно не заради наводното постојано плачење на бебето и “ советите од страна “ дека немам млеко, туку од непроодни канали, грутки, преполнетост, хиперлактација.
Ако, мајките се плашат од меки гради за коие неправедно се мисли дека немаат млеко, јас се плашев од моите камења и тврди гради во кои имаше многу млеко! Дури и премногу!

Зошто? Заради тоа што сум ‘’ the chosen one?”. Секако, не. Јас, само никогаш не се посомневав дека нема да дојам, дека немам млеко, дека не можам, никогаш не купив АД од аптека “ за секој случај “, не знаев скоро ништо за доење, ама природно ми дојде да дојам, инстинктот ми кажуваше дека треба бебето да го зема во раце и да го наместам на града. Дури не знаев ни дали е така правилно. Само знам дека, кога ќе беше неправилно, некако ме болеше.
Еден од најдобрите совети што ми ги дадоа два дена после породувањето, беше од една млада мајка ( поискусна доилка ) која ми кажа дека на ФБ постои група „ Соба за доење “ , во која има докторка - советничка за лактација која на мајките несебично им помага со совети како поуспешно и подолго да дојат. Прво што направив беше членство во групата. Малку е да кажам дека бев 24/7 постојано во групата и читав се’ што ќе се пишеше таму. Одеднаш сфатив дека јас всушност ништо не знам за доењето. Едукативните материјали ги испринтав и секој ден читав, за тоа што значи кога си доилка и што значи да имаш доенче, што значи чудното однесување на синот, промените кои ги има, скок во развој или интензивно доење, што да правам ако се преполнам, дали да го будам за да цица и сите дилеми кои ги имав одеднаш ми беа многу појасни. 

Запознав мајки кои од виртуелни пријателки, денес ми се другарки со кои пијам кафе и посетувам разни настани и сфатив дека сите ги имаме истите дилеми, прашања и нејаснотии.
Мојата приказна траеше цели 25 месеци со постепено намалување на подои, од стравот кој ме водеше додека доев. Она што го научив за време на доењето е дека ставот е најважен за мајките кои можат да дојат. Ставот дека имам млеко за доење на својот син никогаш ме нема поколебано, ниту уплашено дури и кога имаше периоди кога бебето беше постојано на града, дури и кога ноќните подои беа исцрпувачки, а морав утредента на работа, дури и кога имав постојано прашања дали имам млеко.
Она што единствено ме плашеше, како да се справам со преполнетост и болни гради, грутки кои понекогаш беа страшно болни, измолзувања за време на работен ден, на работно место на пауза за кафе, како ќе престанам да дојам со толкава количина на млеко која постепено треба да се намали. 

Сакам да ги охрабрам мајките кои чекаат принова со топол совет за доење.
Доењето е единствениот природен процес за врска помеѓу мајката и бебето кој е пред се’ најпогоден , најдобар и најздрав избор кој долгорочно се одразува на здравјето на детето, најефтин избор и најстар избор кој овозможил популација и опстанок на Планетева.
Спремете се со факти, знаења и нерви. Тоа е единствено нешто за да можете несомнено лагодно да доите и покрај туѓите коментари, искуства и неосновани знаења. Вашето искуство е сосема поинакво од сите останати. Не се колебајте. Ајде да го поддржиме во поголем број, зашто знам дека можеме. Доенечкиот период е нешто што минува брзо, а се памети цел живот, како најпосебно искуство вредно за раскажување.

На видеото може да го погледнете гостувањето на Весна во 0+ месеци на Телма телевизија на тема: Продолжено доење-доење после првиот роденден на детето


No comments:

Post a Comment