Sunday, October 22, 2017

Како безбедно да ја надминете анемијата кај вашето бебе/дете?

Анемијата кај бебиња и мали деца не е баш ретка појава и затоа сметав дека е потребно да ја обработиме и оваа тема во еден текст. Анемијата се дефинира како состојба во која вообичаениот симптом е намален број на црвени крвни клетки или намалена количина на хемоглобин, но ова е само општа дефиниција а секако дека постојат многу причини (и видови) за анемија и тоа од генетски причини па до автоимуни состојби. Во овој тескт ќе се дискутира само за најчестата нутритивно поврзаната анемија, а тоа е железо-дефицитната анемија.


Вообичаено анемија на оваа возраст (доенчиња и мали деца) се појавува поради тоа што децата се пребирливи, не јадат квалитетна храна и поради тоа што сеуште се во интензивен раст и развој и потребите од железо им се поголеми поради тоа што прогресивно им се зголемува волуменот на крв.

Прв чекор при појава на анемија е утврдување на точниот тип/вид на анемија и утврдување на можната причина за нејзина појава. Но доколку не станува збор за “длабока анемија“, т.е. доколку не се присутни многу ниски нивоа на хемоглобин (под 80-90гр/Л) и нема индикација за постоење на друг вид на анемија различен од железо-дефицитната, тогаш можеби најсоодветно е да ги примените диетните препораки за железо-дефицитна анемија во траење од најмалку 2-3 месеци (со 1-2 контроли во меѓувреме за да се осигурате дека нема дополнително опаѓање на вредностите на црвените крвни клетки и хемоглобинот) па потоа да направите анализа на крвта. Ако состојбата се подобри значи нема место за паника- т.е. причината за анемија е едноставно недостаток на железо во исхраната, или недоволна апсорпција на истото, а доколку состојбата не се подобри, потребни се соодветни понатамошни анализи за да се открие точната причина за појавата на анемија.


Ако причината за анемија кај вашето бебе/дете е обичен недостаток на железо (што може да се увиди преку анализа на серумските нивоа на железо, и со анализа на резервите на железо во организмот) во исхраната тогаш добро е да ги следите следните диетни препораки:

  • Почесто внесувајте во исхраната на вашето бебенце/детенце: спанаќ, блитва, просо, леќа, грав, семки од тиква, просо, хељда, компир, индиски ореви, останат зелен листест зеленчук, брокула, какао, интегрален сусам, грашок, аронија, вишни, цреши, кајсии, интегрален ориз. (внесувајте ги почесто оние намирници кои веќе ви се воведени во исхраната на бебето/детето, а за внес на нова намирница следете ги постојните препораки).

  • Зелениот листест зеленчук обарувајте го поради присутните оксалати, исто така и какаото треба да биде термички обработено, а житарките, мешунките и семките одвечер киснете ги во вода, а потоа добро згответе ги за да ја отстраните фитинската киселина и фитатите.

  • Сведете го на минимум млекото од животинско потекло (ако се работи за помало бебе кое сеуште се дои можете максимално да ги ограничите производите од животински млека) бидејќи постојат тврдења и докази дека животинското млеко и производите од него ја инхибираат апсорпцијата на железо.

  • Внимавајте на комбинациите на храна, комбинирајте храна богата со железо и храна богата со витамин Ц, бидејќи овој витамин докажано ја зголемува апсорпцијата на железо. Не комбинирајте храна богата со железо заедно со млечни производи од животинско потекло или со други инхибитори на апсорпција на железо (како што се оксалати, фитати итн, а за да ги отстранете овие соединенија од храната држете се до препораките дадени погоре).

  • И билните чаеви содржат инхибитори на апсорпција на железо така што добро е да се земаат само по потреба и привремено да ја ограничите нивната употреба.

  • Во исхраната на детето може да го вклучите популарниот сок од цвекло, морков, портокал, лимон и јаболко и вода, со тоа што за помали бебиња ќе направите адаптација на состојките во сокот во согласност со претставените намирници кај бебенцето, но и тука ќе нагласам - внимавајте на дадената количина и внимавајте бебето/детето да внесува и доволно вода.

  • Иако се ретки случаите во кои глутенот може да претставува проблем и индиректно или директно да влијае на намалена апсорпција на железо, сепак можеби ќе сакате да се обидете да ги редуцирате глутенските житарки во исхраната на бебето/детето, барем привремено.

  • Неколку предлози за оброци богати со железо и со витамин Ц: компир со грашок и брокула и свеж домат; интегрален ориз со блитва, зеленчук, мелени семки од тиква и свежа пиперка; просо со кајсии и какао; хељда со вишни/аронија и мелен интегрален сусам; просо, грашок, зеленчук и свежа салата; леќа или грав со свежа салата, хумус со интегрален сусам... да нагласам уште еднаш - бирајте ги намирниците кои влегуваат во состав на оброкот според возраста на бебето/детето и според веќе воведените намирници во исхраната.

Уште нешто на што сакам да укажам е да не пристапувате така наивно кон железните суплементи бидејќи како и скоро сите останати суплементи така и железните суплементи може да имаат негативни ефекти врз здравјето на бебето/детето, а нивната апсолутно безбедна употреба особено кај бебиња и мали деца – се разбира не е докажана. Секогаш најдобар избор е да се обидете да ја подобрите крвната слика со правилна и квалитетна исхрана, а ако поради одредени причини ова нема ефект дури тогаш се пристапува кон утврдување на точните причина за појава на анемија и ако е потребно и употреба на железни суплементи и тоа строго под надзор на соодветно стручно лице.

Се погоре кажано се однесува за железо-дефицитна анемија, а во следен текст ќе се обидам да дадам краток осврт и за други анемии кои се јавуваат поради нутритивен дефицит (мегалобластните анемии како што е пернициозната анемија).

Автор: нутриционист Маја Велковска


На следниот линк ќе најдете - Намирници богати со железо

No comments:

Post a Comment