Wednesday, October 25, 2017

Како да ги препознаете скоковите во развој кај бебињата и како да ги пребродите

Вашето бебе одеднаш е поинакво. До вчера си имало еден ритам на цицање, спиење и однесување, но одеднаш, речиси преку ноќ, се е поинаку. Бебето бара да цица многу често, понекогаш на интервали од само 1 час, и изгледа дека е постојано гладно. До сега ако спиело мирно и подолги интервали ноќе, одеднаш се буди почесто и бара да цица повеќе и подолго. Покрај често доење, бебето е и понервозно, се смирува само во раце, и бара многу повеќе внимание.


Не е лесно да се преброди овој период без мајката да се сомнева во себе и во своето млеко. Но најпрвин да видиме зошто ова се случува? Бебињата со интензивно доење регулираат неколку аспекти - си ја регулираат сами количината на млеко (ја зголемуваат привремено, додека трае периодот, а потоа таа повторно се нормализира), ги задоволуваат потребите за развојни фактори (обилно ги има во мајчиното и само во мајчиното млеко, особено оние за развој на нервниот систем), ги смирува близината на мајката и им помага да го пребродат развојниот скок.

Освен скок во развој, интензивно доење се јавува и кај болест, анксиозност од настани и случки во текот на денот, промени во рутина и околина (гости, патување, селидба).
Скоковите во развој и интензивното доење се поклопуваат бидејќи бебето обично бара повеќе утеха во тој период и мајчиното млеко помага во развојот. На пример скоковите ќе се поклопат со запче, со превртување од стомаче на грб (и обратно), со првото зборче, со седење, со проодување и така натаму.

Најчести периоди за скокови во развој се:
  • Третиот ден по раѓањето
  • 7-10 дена
  • 3 недели
  • 6 недели
  • 3 месеци
  • месеци
  • месеци

Ова варира од автор то автор и од тоа како истото се пресметува , но бебињата не знаат да гледаат на календар, па идеално е да не се оптеретуваме со тоа, туку да си го следите детето и неговите желби и потреби.

Правила за интензивно доење

  1. НЕ ВИ Е СЛАБО МЛЕКОТО!!!
  2. Ова е најлош момент за давање на измолзено млеко или адаптирано млеко, или било што друго. Очигледно детето цица почесто оти тоа е неопходно и треба да се почитува. Не проверувајте колку можете да измолзете или колку детето ќе испие после подој.
  3. Не паничете, нема вечно да трае, ќе помине, трае од неколку дена, до недела-две, но дефинитивно ќе се смири.
  4. Во овој период, спремете се на коментари дека ви е слабо млекото, дека на детето му треба друга храна оти млекото не го задоволува, дека ќе се размази оти е се во раце, дека создава лоши навики, дека го изгладнувате детето и така натака... Наоружајте се со трпение, и обидете се да не влегувате во објаснувања кои ќе ве исцрпат. Објаснете дека на детето тоа му е сега потребно, и дека ако ситуацијата не се поправи, ќе консултирате стручно лице. Не заборавете да се заблагодарите на советите :)
  5. Ќе ви треба мир и одмор. Ако имате постари деца, овој период ќе биде посветен на децата и на бебето, а куќните обврски ќе бидат на минимум и ќе почекаат. Ете шанса ако  има добронамерни луѓе кои сакаат да помогнат, тоа и да го сторат.
  6. Скокот на 3-4 месеци обично е импресивен и треба да нагласиме - НА ДЕТЕТО НЕ МУ ТРЕБА ДРУГА ХРАНА.
  7. Разговарајте со мајки кои ви влеваат доверба и позитивна енергија и или минале низ тоа или заедно со вас минуваат низ доенечките авантури (интернет групи, во живо и сл).
  8. Следете ги пелените на детето и напредокот во килажа, ова обично ќе ве смири повеќе од било што друго.
  9. ОВА НЕ Е ПЕРИОД ЗА ТРЕНИНГ НА НАВИКИ ЗА СПИЕЊЕ.
  10. Изберете овсена каша за доручек и чаеви за подобрување на лактацијата, овие додатоци често помагаат побрзо да се зголеми количината на млеко во тек на скок.

И на крај, да повториме - НЕ ВИ Е СЛАБО МЛЕКОТО.
Уживајте во овие моменти на кои ќе се сеќавате во текот на целиот свој живот.

Текст на Д-р. Јулија Илиевска
Извори - La Leche League Int., Kellymom, Dr. J.Newman, N.Mohrbacher 

No comments:

Post a Comment