Вашето
бебе одеднаш е поинакво. До вчера си имало еден ритам на цицање, спиење и
однесување, но одеднаш, речиси преку ноќ, се е поинаку. Бебето бара да цица
многу често, понекогаш на интервали од само 1 час, и изгледа дека е постојано
гладно. До сега ако спиело мирно и подолги интервали ноќе, одеднаш се буди
почесто и бара да цица повеќе и подолго. Покрај често доење, бебето е и понервозно, се смирува
само во раце, и бара многу повеќе внимание.
Освен скок во развој, интензивно
доење се јавува и кај болест, анксиозност од настани и случки во текот на
денот, промени во рутина и околина (гости, патување, селидба).
Скоковите во развој и интензивното
доење се поклопуваат бидејќи бебето обично бара повеќе
утеха во тој период и мајчиното млеко помага во развојот. На пример скоковите ќе се поклопат со запче, со превртување од стомаче на грб (и обратно), со
првото зборче, со седење, со проодување и така натаму.
Најчести периоди за скокови
во развој се:
- Третиот ден по раѓањето
- 7-10 дена
- 3 недели
- 6 недели
- 3 месеци
- 6 месеци
- 9 месеци
Ова варира од автор то автор и од тоа како истото се
пресметува , но бебињата не знаат да гледаат на календар, па идеално е да не се
оптеретуваме со тоа, туку да си го следите детето и неговите желби и потреби.
Правила за интензивно
доење
- НЕ ВИ Е СЛАБО МЛЕКОТО!!!
- Ова е најлош момент за давање на измолзено млеко или адаптирано млеко, или било што друго. Очигледно детето цица почесто оти тоа е неопходно и треба да се почитува. Не проверувајте колку можете да измолзете или колку детето ќе испие после подој.
- Не паничете, нема вечно да трае, ќе помине, трае од неколку дена, до недела-две, но дефинитивно ќе се смири.
- Во овој период, спремете се на коментари дека ви е слабо млекото, дека на детето му треба друга храна оти млекото не го задоволува, дека ќе се размази оти е се во раце, дека создава лоши навики, дека го изгладнувате детето и така натака... Наоружајте се со трпение, и обидете се да не влегувате во објаснувања кои ќе ве исцрпат. Објаснете дека на детето тоа му е сега потребно, и дека ако ситуацијата не се поправи, ќе консултирате стручно лице. Не заборавете да се заблагодарите на советите :)
- Ќе ви треба мир и одмор. Ако имате постари деца, овој период ќе биде посветен на децата и на бебето, а куќните обврски ќе бидат на минимум и ќе почекаат. Ете шанса ако има добронамерни луѓе кои сакаат да помогнат, тоа и да го сторат.
- Скокот на 3-4 месеци обично е импресивен и треба да нагласиме - НА ДЕТЕТО НЕ МУ ТРЕБА ДРУГА ХРАНА.
- Разговарајте со мајки кои ви влеваат доверба и позитивна енергија и или минале низ тоа или заедно со вас минуваат низ доенечките авантури (интернет групи, во живо и сл).
- Следете ги пелените на детето и напредокот во килажа, ова обично ќе ве смири повеќе од било што друго.
- ОВА НЕ Е ПЕРИОД ЗА ТРЕНИНГ НА НАВИКИ ЗА СПИЕЊЕ.
- Изберете овсена каша за доручек и чаеви за подобрување на лактацијата, овие додатоци често помагаат побрзо да се зголеми количината на млеко во тек на скок.
И
на крај, да повториме - НЕ ВИ Е СЛАБО МЛЕКОТО.
Уживајте
во овие моменти на кои ќе се сеќавате во текот на целиот свој живот.
Текст на Д-р.
Јулија Илиевска
Извори - La Leche League Int., Kellymom, Dr. J.Newman,
N.Mohrbacher
No comments:
Post a Comment