Monday, May 28, 2018

М-р Ивана Хаџиванова, психолог, нов член на тимот соработници на ЗХЗД

Многу често слушаме, читаме па и самите се соочуваме со проблемот на нејадење или одбивање на одредена храна. Има многу причини за одбивањето храна, особено на почетокот на дохраната кога бебињата поминуваат низ забрзан развој и секојдневно менуваат навики, однесување, расположение. Промените на средината, здравствен проблем или психолошки, се само дел од причините за нејадење. 
Иако многумина ќе речат дека треба упорност, факт е дека мора да ја познаваме доволно добро детската психологија и да научиме како да постапиме во тие моменти.
За да добиеме вистински одговори, на наше задоволство, во тимот на стручни лица во нашата група Здрава храна, здрави деца! ни се приклучи и М-р Ивана Хаџиванова,психолог, гешталт психотерапевт.
Целта е преку статии поврзани со најчестите прашања околу оваа проблематика да ни даде совети како да се однесуваме како родители и како да го пребродиме тој период на одбивање и нејадење кај децата.





За да ја запонаете подобро, ќе ви одвоиме некои нејзини интервјуа. За подетани информации може да и се обратите на фан страната на која секогаш има одлични совети:
Гешталт психотерапија - Gestalt Psychoterapy




Ивана - Фројд велел „Детето е татко на човекот“ и не згрешил! Ние сите сме со потекло од детството, со сите свои делови, па и со своите стравови. Родителите грижејќи се за нас, вложиле голем напор да не научат да се плашиме. За жал, речиси секој родител употребува хиперболизирани преувеличени изјави кои на сите ни се добро познати на пример: „Учи или ќе останеш неписмен“, „Не јади ладно, ќе фатиш бронхит“, „Ако си немирен, нема никој да те сака“, итн… Точно дека овие интроекти делумно имаат смисла, но начинот и хиберболата кај некој од луѓето довело до тоа да станат невротичари односно и кога веќе се возрасни и нема реална причина, да постои стравот кој толку многу бил чувствуван во детството. Секако дека и реални трауматски случувања создаваат енграми во мозокот, остануваат врежани во нас и го креираат стравот, и после многу години кога ќе се појави некаква асоцијација. Постои и еден таканаречен трансгенерациски модел на однесување, во превод ако некој од родителите бил многу плашлив, анксиозен, паничар, најверојатно дека и детето ќе го имитира таквиот начин на однесување. Секој човек во детскиот период прави идентификација со родителите, а еден од првите начини на учење е по пат на имитација.

Колку психологот или психотерапевтот може да помогне за одржувањето на менталното здравје и менталната хигиена на секоја единка? - Многу, тоа е и всушност главниот дел од нашата работа и мисија, а се реализира низ советување, психотерапија и психодијагностика. Личниот раст и развој подразбира соочување со секојдневието, но и разрешување на дадени конфликти и развојни процеси. За жал, без двоумење тврдам дека постои епидемија на анксиозност која претставува загрижувачка појава во современото општество, за која мора да се зборува и интензивно да се работи особено со младата популација. Несомнено е дека интензивната анксиозност е едно од најмачните чувства што човекот ги доживува во својот живот и претставува динамички центар на неврозата. Епидемиолошките истражувања укажуваат на голема преваленција на анксиозните растројства, што ги прави најчести ментални растројства. Елементот на беспомошност кој се јавува во рамките на анксиозните состојби е најчесто најнеподнослив за индивидуата, а особено за младата и сè уште незрела личност. Психотерапијата е главна алатка за утврдување на причините за настанување на анксиозноста. 
Како всушност дејствува психотерапијата?  
- Стручна помош за надминување на акутни проблеми во живеењето, сериозни психолошки симптоми, растројства и болести, како и личен раст и развој на нови потенцијали и свесности за себе. Тоа е психотерапијата. Тоа е поим кој го означува процесот на промена што се случува при контактот на едуциран психотерапевт и клиент. Тоа е структуриран процес на постепени промени и достигнување на цели, решавање проблеми, психолошки конфликти и симптоми или развој и интеграција на сопствената личност. Таа е процес на себеспознавање, откривање на своите ограничувања и потенцијали, несвесни содржини кои нè спречуваат да бидеме нашата најдобра верзија. Психотерапијата помага да се унапредат организацијата и квалитетот на живеење, да се поттикне растот и развојот на личен, семеен и професионален план. По успешен психотераписки процес, личноста станува посреќна и позадоволна со себе и подготвена за соочување со животните предизвици и тешкотии, подобра во реализација на работните потенцијали, со поголемо разбирање со другите луѓе и комуникација. Низ процесот ќе се запознаете себеси, вашите мисли и чувства, ќе ги разберете причинителите на вашето однесување и ќе создадете стратегии за надминување на акутните проблеми. Психотерапијата помага и кога личноста е незадоволна од својот живот, не е сигурна за своите избори и одлуки и сака да направи промена во своето однесување. Секоја личност може да има корист од психотерапевтски третман, не само клиенти што се со дијагностицирано психијатриско растројство. Психотераписка помош се применува во сите животни доби и придобивките од истата се од големо значење. 

No comments:

Post a Comment