Sunday, August 19, 2018

Растителните млека во исхраната на децата

Како мајка на четиригодишно дете кое е хрането по начела и принципи за здрава и избалансирана храна, откако започнав со дохрана имав куп прашања, дилеми и искушенија за тоа како треба или не треба да се храни моето бебе, а понатаму и дете.
На почетокот одговорите ги наоѓав самата, читајќи, прашувајќи ги поискусните мајки, ги отворив погледите кон различни пристапи на хранење на своето дете, експериментирав и учев по пат на обиди и грешки. Сега, денес, гледајќи наназад и пред сѐ гледајќи го своето дете, мислам дека успеав да создадам навики за здрава исхрана кај него, а со тоа успеав да внесам новини во семејната исхрана.


Хранењето и исхраната е процес кој се учи цел живот. Предизвик е во едно брзо и динамично општество и со брз начин на живот, да се задржат навиките за домашни подготовки на храна и пијалоци. Производството на храна е сѐ поинтензивно, застапено и достапно на секој поединец, а маркетингот на секој продукт кој лежи на полиците во маркетите е доведен до совршенство. 
Она за кое се залагам јас лично за моето семејство и во групата Здрава храна, Здрави деца! се домашните подготовки на храната. Дури и кога времето не го дозволува тоа, резултатите од домашните оброци на нашите деца се секогаш забележителни. 
Кога решив да продолжам со некакво млеко за повремена конзумација по двегодишниот период на доење на син ми, одлучив дека тоа ќе биде растително млеко, односно, млеко кое се добива при процес на киснење на одредени намирници, нивно мелење, цедење ( по желба ) и на крај засладување ( исто по желба ) приготвено во домашни услови. Процес на подготовка за кој треба само рутина, а не толку време. Решив да не нудам пијалок во вид на познатото кравјо млеко, дури ни ако станува збор за домашно, од причини што со текот на времето според многу класификации, кравјото млеко ( особено тетрапак пакувањето ) не ги задоволува комплетните потреби на нутритиенти како што се смета/ло. Имено, сосема оправдано ми беше да го изберам бадемовото, наместо кравјото млеко. 

За таа цел, после неколку дискусии во групата, прашања од страна на членовите и дилеми на темата, заедно со Маја Велковска - нашиот нутриционист, подготвивме кратко четиво кое ќе даде одговор на основните прашања врзани за малку поинакви рецепти. Темата која секогаш предизвикува реакции е “ Растителни млека во исхраната на децата “. Да или не?!


Низ следните фотографии се прикажани некои видови на домашно подготвени растителни млека, а деталите за подготовката ги има во нашата ФБ група Здрава храна, Здрави деца! 



Кокосово млеко засладено со банана, мед и ѓумбир


Бадемово млеко со урми и цимет


Млеко од семе од афион. Засладено со мед ( агаве ) или урми


Млеко од банана, урми и зачинето со цимет / ванила


Млеко од кикирики со засладувач по вкус


Лешниково млеко со урми и ситнет мраз


Млеко од семки од сончоглед со банана и цимет


Млеко од семки од тиква со урми, какао и мраз


Сусамово млеко со рогач, урми и ванила


Растителни млека. Да или не?!

Темата за употреба на разни видови на млека кај доенчињата и малите деца е секогаш актуелна, па затоа решивме да посветиме една статија и на оваа тема. Под млеко всушност се подразбира производ на млечните жлезди на разни видови на цицачи, но меѓу народот често овој термин се употребува за да се означи пијалок кој има изглед на млеко и се користи за исти намени како млекото, па од таму дошол и терминот растително млеко.
На почеток да напоменеме дека мајчиното млеко е идеално и незаменливо млеко за доенчињата, и доколку тоа е можно најдобро е децата да се дојат до 1, а идеално до 2 или повеќе години, што значи дека во периодот кога детето се дои, нему не му се  неопходни други видови на млеко.
По престанокот на доењето често пати децата се стимулираат да пијат кравјо млеко – во огромни количини- што е далеку од здрава навика, и напротив може да има неколку негативни последици по здравјето на детето (за што е дискутирано во друга статија).
Но, освен животински млека, денеска сè попопуларни стануваат и растителните млека, кои за разлика од кравјото млеко, може да бидат многу разновидни, со разни вкусови, состојки и нутриенти и се одличен дел од оброк или пијалок за децата кои веќе не се дојат (или во случаи каде доењето е невозможно- деца кои престануваат со употреба на адаптирано млеко).
Еве, неколку добри нешта што доаѓаат со конзумирање на растителни млека:

1. Растителните млека се одличен начин да му „подметнете“ на детето намирница која не ја конзумира;

2. Растителните млека направени од семки од тиква, сусам, сончоглед, кокос, јаткасти плодови, афион... се одличен извор на здрави масни киселини;

3. Со конзумирање на овие млека не го изложувате вашето дете на ризик од појава на анемија-како што е случајот со кравјото млеко, и напротив со одредени растителни млека дури може да внесете и дополнителни количини на железо во исхраната на вашето дете;

4. Ако житните снегулки ги припремите со растителни млека тогаш оброкот содржи дополнителни калории и дополнителни квалитетни извори на одредени нутриенти (најчесто од масти и малку протеини);

5. Домашно подготвените растителни млека секогаш се супериорни во однос на другите купени пијалоци и лесно може со нив да замените чаша комерцијален сок;

6. Постојат многу варијанти за подготовка на растителни млека па затоа со нив може успешно да внесете поголеми количини од одреден нутриент во исхраната на вашето дете (пр: млеко од интегрален сусам е одличен извор на калциум и железо, млеко од ореви е одличен извор на омега-3 масни киселини...);

7. Тие се одличен начин за детето да внесе повеќе вода во својот организам;


Иако во своето име го содржат и зборот “ млеко “, растителните млека се всушност пијалоци направени од разни намирници, со кои може да внесете важни микро и макронутриенти во исхраната на вашето дете, и тие не го завземаат местото на мајчиното млеко, туку се одличен дополнителен нутритивен пијалок за малите деца.  По завршување на доенечкиот период (идеално 2+ години) на детето не му е потребна замена за мајчиното млеко (често пати кај нас интерпретирана како кравјо млеко),  бидејќи сега детето е спремно за цврста храна и добро испланираната таква исхрана во целост ги задоволнува неговите потреби, но ако употребувате растителни млека, детето ќе внесе повеќе нутриенти, а вие ќе бидете спокојни дека не му недостасува „млеко“ во исхраната.

Автор : Нутриционист Маја Велковска 












No comments:

Post a Comment