Wednesday, August 8, 2018

Поддршка на доењето: „ Од мајките кои дојат, за мајките кои ќе дојдат '' - Симона Арсовска

Приказната на Симона Арсовска

Ведран е бебе родено со тежина 1330 гр. во 28. недела од бременоста ( во седмиот месец ), заедно со своето братче Огнен, кој пак беше роден со тежина 1450 гр. Ведран помина два месеци во инкубатор, од кој месец и половина на машина заедно со своето братче Огнен, кое за жал остана во болница и на 4 месечна возраст не напушти. 

Во тој период додека бебињата не беа покрај мене се молзев за да одржам лактација, дисциплинирано на два до три часа, секој ден. Измолзеното млеко го замрзнував во посебни кесички и го чував за моментите кога ќе дојдат бебињата дома, во случај да ми треба. Бебето Ведран дојде дома кога наполни 2 месеци со тежина 1700 гр. Хранењето на почетокот беше преку измолзување на мое млеко и на тој начин го хранев, затоа што беше премал за да цица. Кога направи 2 кг. решив дека ќе продолжам да го хранам , но доејќи. Поминав низ тежок период и имаше моменти кога воопшто немав млеко, ниту сила од преживеаниот стрес, но бев упорна и не се откажував. 
Денес, Ведран има 7 месеци, тежи околу 7 кг. До пред само недела дена бевме на ексклузивно доење, а сега веќе започна со цврста храна и со вкусови. Напредокот е одличен. Доењето на недоносено бебе беше најдоброто нешто што можев да го направам за него. Мојата најголема желба беше да ги дојам заедно, држејќи ги во прегратки и двете бебиња заедно, но за жал не излегуваат работите онака како што очекуваме. 

Она што ме водеше беше помислата дека доењето е важен момент за да се поврзам со нив и да го надоместам времето додека беа со месеци во инкубатор без својата мајка. 
Сега Ведран е здраво и весело бебе, а моето срце исполнето заради тоа што како мајка, успеав да дадам придонес во неговото закрепнување и развој и да му помогнам во борбата за живот, која јуначки ја води и денес. 
Ова  е животна приказна со среќен и тажен крај, но исполнета со љубов. Благодарна сум за секој нов ден покрај Ведран и за секоја насмевка која тој ми ја дарува додека го припремам за доење. 
Благодарна сум и за другото бебенце и убовта кон него ќе трае секогаш, исто како и трагата во нашите срца за време на краткиот престој со нас. 
Ги охрабрувам мајките да дојат. Да веруваат во чуда. Моето чудо е тука покрај мене и го имам благодарејќи на мојата волја, желба и упорност да дојам.

No comments:

Post a Comment