Wednesday, August 8, 2018

Поддршка на доењето: „ Од мајките кои дојат, за мајките кои ќе дојдат '' - Христина Ангелкоски

Приказната на Христина Ангелкоски


Приказната со второто бебе ми е емотивна и ќе дадам се од себе да ви го доловам она низ кое поминував.
За разлика од првата бременост во која имав високо ризична со одлепена плацента и лежев до 9ти месец, втората ми беше нормална без никаков проблем ( барем јас така мислев ), а редовните контроли беа уредни. Но, да не го враќам времето назад, тука не можеме ништо да смениме, само ќе си велам дека така требало да биде.
Одејќи накај дома од работа јас добив некои тупи менструални болки. Лежев дома мислејќи дека ќе помине, меѓутоа јас веќе сум се отворила. Се отворив 3см во 30та недела. Лежев на интензивна во ГАК само 10 дена, толку успеа да издржи бебето. Се породив природно и доста лесно, како и првиот пораѓај.
Е од овој момент па навака почнува нашата голгота.
Беше сабота, дека немаше доктори ме пуштија дома веднаш во понеделник. Чуството кога си заминнувате од тоа оделение без бебе со тебе е толку болно што чуствувате како дел од вашата душа да се корне. Излегувате во ходник и гледате како родилките ги пречекуваат со балони и честитки, насмеани и среќни лица, ќе си ја земат мајката дома заедно со своето бебе, а јас јас одам дома сама без бебе 😢
Од Кичево сум, но периодот додека бебето ми беше во инкубатор јас бев во Скопје. Тој ден снаа ми ме зеде од болница и ме остави во станот и замина на работа. Во потпона тишина останав сама, без бебе, без поголемиот син, без маж ми. Немав никој покрај себе, имав тотална празнина во душата, имав дел кој ми фалеше, дел кој ми ја корнеше душата. Па во тој момент на потполна тишина јас на целиот мој глас кој ме држеше извикав силно и се испразнив. Да, плачев колку што ме држи глас, плачев се додека имав сила и не се изморив и заспав.
Се освестив зедов сила и реков: Крени се, ти си јака и борец, мораш да му помогнеш за да побрзо се крене.
5 недели беше во инкубатор, за мене 5 недели како вечност. Мислев дека се ќе биде како песна. Ќе се измолзувам и ќе му носам, ќе одржувам лактација се додекане се вратиме дома. Но, веднаш се соочив со голготата по тие ходници.
Прво тешко можеш да ги добиеш на бројот кој е оставен за информации да добиеш, а со тоа и да закажеш термин за молзење. Плачев деноноќно, мораше да се најде врска за да ти закаше термин. Првиот пат успеав најдов, измолзев колострум од 100мл, пресреќна бев, не можев да поверувам, дека дома едвај 20мл молзев. Но, отидов со мисла дека ќе успеам да дадам мое млеко на мое чедо.
Во текот на денот може да се молзат само 6 мајки во 3 термини од по 2 мајки на термин од еден саат молзење и тоа молзење со шприц кој едвај вади млеко со многу напори, па јас скришно молзев со рака за да извадам повеќе, и секогаш во себе велев: леле пази внимавај од стрес да не ти се истури шишето 🙂
Ако се случеше денес да се измолзам и после тоа во терминот успеам да ги добијам за да закажам термин за утредента, тие не ми закажуваа, велеа па ти денес се молзеше, остави простор за друга мајка да се молзи. Заклучокот ви е јасен. Имаат 60 бебиња, а дозволуваат да се молзат само 6 на ден од вторник до петок, а тоа се само 18 мајки во текот на неделата од кои вие како единка можете само 3 пати во неделата да оставите млеко и тоа ако успеете да добиете термин затоа што не се јавуваат. Такви им биле условите и немале доволно персонал.
Ова беше делот за молзењето на интензивна кај бебињата, тие им беа условите.
Бебето го гледав на посета само два пати во неделата и тоа исклучиво преку стакло. Немавме никаква допирна точка со бебињата. Немаат систем кожа на кожа, каде насекаде во светот тоа функционира и така побрзо бебињата им оздравуваат,но поради овој момент нив секојдневно им умираат бебиња и тоа пред наши очи. Нема тука можност да допреш бебе за раче, а давање цице е научна фантастика. Само кога би било она како на сликите на интернет што гледаме прематурчиња доени од нивните мајки. Да го имаше тој момент моето бебе немаше да фати сепса.
Напредуваше убаво, и наеднаш состојбата му се влоши и за конец се спаси.
Целиот овој стрес и тоа како влијаеше врз мене. И оној позитивен дух што го имам падна, не можев повеќе да издржам, како да се предадов и како да немав повеќе сила, и млекото го снемав, немав ни капка. Се молзев дома еден час на молзење и едвај 10мл вадев. Тој момент ми предизвика дополнителен стрес. Си велев; Па, зарем мојот труд од 5 недели да пропадне во вода, па зарем јас да немам млеко во најпотребниот момент кога бебе треба да ми дојде дома. Едноставно не можев да се помирам со тој факт. Дојдов до раб на лудило и не знаев како да си помогнам, веќе и не знаев како да си го вратам млекото.
И случајно во групата “ Поддршка на доењето“ искоментирав на еден пост дека никогаш немаше да верувам дека имало и мајки на кои им снемува млеко и така дојдов до контакт со советничката Даница. И ја раскажав мојата приказна, ја запознав со стресот со кој се соочувам и молам за помош да го вратам млекото. Помошта и советите дојдоа во вистинско време и тоа никогаш нема да го заборавам. Со нејзина помош успеав да го реактивирам млекото. Да вратив млеко кое едвај вадев 10мл го вратив на 100мл во молзење. На среќата и немаше крај. Плачев од среќа.

Дента пред да ми го пуштат бебето дома, бев на посета со уште една мајка, таа беше во ситуација како јас претходно, имаше малку млеко, а имаше закажано термин за молзење, а за мене немаше термин, немало место. Таа им предложи нејзиниот термин од 1 час да го подели на 30мин за неа а 30мин за мене дека градите ќе ни прснеа, преполни беа, но тие тоа не го дозволија, невозможно било, тука имало процедури, а јас знаејќи дека моето бебе е на 5 метри од мене и не може да го добие мајчиното млеко, морав да се измолзам во тоалет во чаша и приморана бев да го фрлам млекото.
Утредента веќе нe' пуштија.
После цели 5 недели борба, моето јуначе успеа да се избори. Да се избори лавовски, без да почувствува мајка, без да добива секојдневно мајчино млеко, без моја топлина успеа да ја преброди и сепсата која ја доби за која сме сведоци дека од таа сепса умираат бебињата и добиваат крварења на мозочињата и едвај преживуваат.
Но, оваа голгота јас веќе ќе ја ставам позади насс. Но никогаш нема да ја извадам длабоко од мојата душа, таа дамка ќе остане засекогаш врежана онака длабоко во моето срце.
Не напоменав дека бебето ми се роди 1690гр , падна на 1540гр и тешко напредуваше затоа што се бореше од сепсата, а на крај ми го испишаа со 2150гр.
Бабицата ми го предаде Леонид и ми рече не го нахранивме за да не ви поврати по пат, така што, знајте дека е гладно и можете уште веднаш во кола да си го надоите.
Така и направив. Јас веднаш понудив цице со верба дека ние ќе цицаме и ќе имаме успеше доенички стаж како и со првото дете.
Замислете во тоа не се ни посомневав и не сум се ни лажела. Бебе кое е рането со сонда 5 недели успеа да фати цице. Не ми се веруваше, па тоа фати и тегнеше како маче, да го слушав како тегне и голта. Па јас повторно плачев, но овој пат од среќа, па моето прематурче од прва почна да цица. На среќата и немаше крај.
Стигнавме дома и реков па сега мое најмило ти си во мои раце и ќе успееме.
Така и испадна.
Најпрво купив вага и си реков, ќе нудам само цице и ќе мерам, ако ние напредуваме јас нема нит да купам ад, ниту да земам шишиња и да се одмозувам, туку напротив ние само ќе цицаме и ќе се мериме. Јас бев свесна дека не знам колку мл. пие, ниту дали му се доволни, но само ќе знаев дали напредува откако ќе го измерев.
Веднаш после 1 ден јас измерив и вагата покажа 75гр плус. Да летав од радост, па јас успеав, да успеав 🙂
Продолживме со ексклузовно доење до 7+ и сега веќе полека јадеме и цврста храна. Тешки сме 7200 🙂
Мојава приказна можеби е подолга, но сакав да ви ја доловам целата ситуација со прематурчињата во нашава држава и сакам да знаат сите низ што се сочуваме ние мајките таму по тие ходници а и нашите најмили. Слободно ќе кажам дека таму децата се во собата на смртта и самите успеваат да се изборат лавовски затоа што тие се најголемите борци.
Драги мајки сегашни и идни, ви посакувам успешен доенечки стаж на сите и верувајте во себе, бидете со позитивна мисла и пратете го вашиот инстинкт, затоа што само така ќе успеете во постигнивање на вашата цел, и само така ќе имате покрај вас среќно бебе кое расте со мајчино млеко.
Јас и понатака ќе стојам со мојот став дека штом јас успеав мислам дека секоја мајка може да успее, само треба една мала верба во себе, желба, трпеливост и пред се упорност. Мора да сте упорни за да успеете и во препреките кои ви се појавуваат во текот на доењето.
Ви посакувам на сите среќа и успешен доенички стаж, бидете со став дека и невозможното можете да го направите возможно.
Јас и за ова бебе целта ја имам поставено дека и него ќе дојам до 3 години 😊

No comments:

Post a Comment