Tuesday, October 23, 2018

Топли есенски напитоци

Есента е прекрасно годишно време. Боите кои сосебе ги носи се единствени и ненадминливи. Мирисот на дожд предизвикува носталгија за домот, а студот не бодри што побрзо да ги завршиме обврските и да си ги гушнеме блиските.
Неделните утра се исполнети со вкусот на печена тиква, штрудла од јаболки со многу цимет и задоволни, несмеани лица.
Но и покрај прекрасните плодови кои ги нуди, златните и бронзени нијанси низ парковите, есента ни носи и многу настинки, вируси, особено ако е топла.
А знаеме сите дека при првото растечено носе, веднаш подготвуваме топли оброци и напитоци.
Денес, ќе споделиме со вас, неколку наши, омилени рецепти, за слатки, топли и вкусни напитоци кои ќе ја задоволат желбата за слатко и ќе ги стоплат дечињата.



Топол напиток од ориз

За овој напиток потребни се неколку состојки, но тоа не значи дека вкусот е помалку впечатлив.
Подготовката е лесна и брза, а резултатот е секогаш: Сакаме уште :)



Потребни состојки:
  • 2 лажици мелен ориз ( можете сами да сомелете или да користите готов)
  • 200мл млеко- изборот е според вкусот и возраста на бебињата,  а може да користите вода, растителни млека или обично, кравјо млеко
  • ванила стапче
  • цејлонски цимет
  • засладувач по желба
Подготовка:

Дел од мелкото го ставате во сад на оган, додека во останатото млеко, на страна ги ставате мелениот ориз и ванилата. Откако ќе се соединат, а млекото на оган се стопли, ги соединувате и мешате непрекинато се додека не добиете густа течност.
Засладувате по желба и вкус: мед, маџун, јачменов слад и зачинувате со цимет. Ние овој пат користевме кокосов шеќер, пола лажичка

Планински чај со брусница

Ова е многу едноставен напиток кој нема многу филозофија, но е превкусен и децата го сакаат. Може да го комбинирате со било кој чај. Нашата комбинација е со планински чај.




Потребни состојки:
  • 200мл вода
  • мало гранче планински чај
  • 10 зрна органска сушена брусница без шеќери
  • засладувач по желба
Подготовка:

Брусницата се става во водата и се остава да зоврие на појак оган. Откако ќе почне да врие, се трга на страна и се става сушениот чај. Садот се поклопува и се остава да отстои 10 минути. Го процедувате, но зрната брусница може да ги оставите и да ги изедете. Се засладува по желба, а ние користевме органски ливадски мед.

Топло чоколадо

Нема дете кое не сака топло чоколадо, наша работа е да најдеме соодветна замена на готовите прашоци. Затоа, овој рецепт освен што е лесен и брз, е омилен кај најмалите, а и кај возрасните.




Потребни состојки
  • 200мл млеко изборот е според вкусот и возраста на бебињата,  а може да користите вода, растителни млека или обично, кравјо млеко
  • 2 мали лажици какао
  • 2 мали лажици густин
  • засладувач по желба
Подготовка:

Од млекото одземете неколку лажици и добро измешајте ги со густинот и какаото. . . Остатокот од млекото го варите, а ако користите кокосов шеќер како нас и него ќе го додадете во млекото на оган. Една мала лажичка е доволна. Откако ќе почне да врие ја додавате смесата со какао и густин. Мешате без престан се додека не добиете густа течност. Ако одбравте да користите засладувач како мед или маџун, ставете го откако малку ќе се олади топлото чоколадо.

Топол ванила напиток

За оние кои сакаат топли напитоци со вкус на ванила, а потсетуваат на оние кои најчесто се консумирааат низ кафичите, тогаш ова е рецепт за нив. Богатиот ванила вкус е неодолив, а начинот на подготовка лесен како и кај топлото чоколадо.


Потребни состојки
  • 200мл млеко изборот е според вкусот и возраста на бебињата,  а може да користите вода, растителни млека или обично, кравјо млеко
  • ванила стапче
  • 2 мали лажици густин
  • засладувач по желба
Подготовка:

Од млекото одземете неколку лажици и добро измешајте ги со густинот. Остатокот од млекото го варите заедно со ванилата, а ако користите кокосов шеќер како нас и него ќе го додадете во млекото на оган. Една мала лажичка е доволна. Откако ќе почне да врие ја додавате смесата со  густин. Мешате без престан се додека не добиете густа течност. Ако одбравте да користите засладувач како мед или маџун, ставете го откако малку ќе се олади густата ванила.

Сите права на соджината вклучувајќи ги авторските права се задржани од Здрава храна, здрави деца и Бебе Готвач. Со самото пристапување на овој блог се согласувате дека содржината ќе ја користите само за лични и некомерцијални потреби. Не е дозволено копирање, дистрибуција, продавање, јавно прикажување и адаптирање било која содржина доколку не е регулирана со претходен договор на Здрава храна, здрави деца и Бебе Готвач.
Без дозвола може да се превземе текст само доколку е поставен линк од оргиналната содржина.

No comments:

Post a Comment