Успешната доеничка приказна на Драгана Младеновска
Искрено, пред да се породам тоа ми беше една многу голема мисла, дали ќе можам да дојам и како ќе се справам со доењето и вежбањето, како медицинско лице бев свесна за важноста и значењето на доењето.
Се плашев дека моето вежбање, кое не е баш наивно, може да влијае негативно, а морав да се вратам на тренинзи најбрзо што можам затоа што кога имате свој бизнис породилното отсуство за жал е само на лист, но не и во пракса.
Работите на крај излегоа многу позитивни, па би сакала да го споделам тоа со сите кои дојат или планираат да дојат.
Доењето е најдобрата храна за бебињата и претставува нормален начин на обезбедување на доенчето со хранливи материи потребни за раст и развој во првите месеци од животот. Практично сите мајки можат да дојдат, под услов да имаат точни и правилни информации во врска со доењето и секако, поддршка од нивното семејство, здравствениот систем и општеството во целост.
Воспоставувањето на лактација кај мене беше релативно брзо и лесно, и иако се породив со царски рез веќе следниот ден од породувањето Ана почна активно да цица. Најверојатно пристапот на медицинскиот кадар беше клучен затоа што првиот ден после оперативниот зафат иако бев многу истрошена и без сила со нивна помош ја ставав многу често на града и таа “влечеше”, тоа беше цицање “на празно”, но сепак беше огромна стимулација за наодоаѓање на млекото веднаш следниот ден.
Првиот месец ми беше напорен, а верувам и кај повеќето мајки е така. Прво не бев сигурна дали имам доволно млеко, дали добро ја местам на града и дали правам се правилно (прв пат сум мајка и се ми беше ново и непознато).
Патронажните сестри кои не посетија дома ме охрабрија дека сме супер и дека нема да имаме никакви проблеми со доењето. Така и беше, контролите си покажаа дека Ана напредува супер и дека одлично цица. Тоа за мене беше искрено најголема радост.
Но, после месец дена јас полека закрепнав од царскиот рез и веќе морав да се вратам во сала и да држам часови. Многу се плашев за целата организација, за моите отсуства од дома и како сето тоа ќе влијае на млекото и на доењето.
Планот ми беше да се одмолзувам пред секое излегување од дома и да и оставам млеко, па татко и да и го дава од шише. После враќање планирав пак да го одмолзувам и да го фрлам првото млеко после вежбање, но тоа искрено ми беше лудост. Читав дека вежбањето може да предизвика промена на вкусот на млекото, што може да направи бебето да се одбие, но всушност тоа се случувало само кај некои екстремни спортови кога мајките се спремале за олимпијада.
Не фрлав и не одмолзував ништо, освен пред да одам да вежбам. Се плашев дека нудењето на шише еднаш во денот може да предизвика да не сака да фака града, но и тоа не испадна така. Веднаш после вежбање трчав дома, се туширав и одма ја ставав да цица. Си цицаше без проблем како ништо да не било, како да не цицала од шише претходно, без никакви проблеми, што значи дека вкусот си останал ист.
Мислев дека можеби лактацијата може да се намали од вежбање и првите 2 недели многу стравував, но не, мене ми се зголеми и многу често ми остануваше по 70-80 ml одмолзено млеко на ден во вишок. Тоа е скоро еден оброк за бебе од 2 месеци.
Сето тоа го пишувам за да ги охрабрам мајките кои мислат дека вежбањето лошо влијае на лактацијата затоа што многу често низ овие месеци добив прашања од типот “Јас дојам дали и од кога можам да вежбам?”
Многу од блиските знаат да ме прашаат “До кога планираш да ја доиш”? Jас ќе бидам тука за неа, а ќе бидам многу среќна ако успееме да се доиме до 24 месеци 😊
Се надевам дека моите совети и искуство ќе бидат од корист на многу нови мајки и ќе ги мотивираат и охрабрат во врска со доењето, но и доењето и вежбањето.
No comments:
Post a Comment