Втора успешна доеничка
приказна на Ирина Наков
Мојата прва успешна
доеничка приказна веќе ја раскажав. Може да ја прочитате на следниот линк. Со вториот син приказната
е сосема поинаква. Иста мајка, различни деца, различни приказни.
Второто породување ми
беше природно. Синко веднаш покажа многу јак инстинкт за цицање, но мене ми
требаше ден – два да надојде млекото. За тоа време во болница добиваше дохрана,
но постојано го ставав на града за да стимулира. Овој пат и персоналот во
болницата имаше поинаков став. Бебето мора да цица и мора да го ставаш на
града. Постојано поминуваше сестра да праша дали сме се обиделе да цица, дали
на некој му е потребна пумпа за измолзување, помош околу доењето и сл. Веќе
имав искуство и можев сама. Бебуш почна да цица вториот ден одкако се роди,
првиот момент штом стигнавме дома.
Јас воспоставив
лактација, надојде млеко, се во ред. Поучена од првиот, трнлив пат, бебуш го
однесов на мерење на педијатар по 7 дена. Имаше качено мала килажа па
педијатарот ми даде одредени совети, што и како да практикувам и да дојдам на
повторно мерење за 7 дена. Но советите некако не ми звучеа во ред. Тогаш
телефонски ја исконтактирав Даница Ивановска Лепојевиќ од Женски центар Астарта, за да се исконсултирам дали тие совети и чекори се во ред. Даница ме
посоветува да водам дневник на подои и број на полни пелени. Советот беше бебуш
да цица на секои два саати, броено од моментот кога почнал да цица. Секогаш да
го ставам на таа града со која сум го завршила претходниот подој. Требаше да
има 10 до 12 подои во 24 часа.
Во меѓувреме ми се случи
нешто. Качив 37 температура што не знаев од каде е. Рана ли е, млеко, вироза?
Така една недела одев на различни доктори, матичен, гинеколог, повторно во
болница каде што се породив за да видиме од каде таа температура. Кога по една
недела, одеднаш едната града стана многу тврда и жешка. Качив 38 температура.
Веднаш почнав со топли облоги, обиди да се измолзувам, постојано го ставав
бебето да цица на таа града... Правев се што знам дека треба да се прави во
ваква ситуација... Но сфатив дека цица во празно. Толку што беа каналите
запушени, он само шмуцкал, поттикнувал лактација, а млекото се таложело. Сите
доктори што ги консултирав исто кажаа. Од градата е. Сите дадоа по некој совет
што да правам, но се тоа веќе го практикував. И ете паника.
Тука повторно настапи, да
ја наречам, мојот ангел чувар, Даница. Со несебична пожртвуваност и
посветеност, со неверојатна смиреност успеа да ме врати на прав пат кога мислев
дека се е залудно. Не ми даваше само совети како да постапам, туку ми влијаеше
и психолошки. Бев во паника, а таа на многу добар начин, со одличен терапевтски
пристап успеваше да ме смири. Постојано ме контактираше на телефон, дури и по
полноќ, за да види каква е ситуацијата и да ми каже што да правам.
Додека бебето не цицаше
советот беше да држам ладни листови зелка, истолчени. Пред да цица да ставам
топли облоги. И така постојано. Но ни тоа не помогна. Следниот ден кулминација.
Цели 24 саати имав 40 температура. Таа вечер беше пресудна. Даница ми рече или
ќе стиснеш заби и ќе го решиш или ќе оди на полошо и не дај боже да стигне до
хирургија. Советите што ми ги даде успеаа. За наполнам шише со жешка вода,
најжешко што можам да издржам и под жежок туш некој да ја масира градата од
горе надолу, колку што може да стисне. Советот беше, кога најмногу ќе викаш,
тогаш да не престанувате со масирање. По околу еден час борба, ненормална болка
од која буквално вриштев, протекоа каналите. Почна млеко да прска. Тогаш
продолжив со раа да се измолзувам и да ги масирам деловите каде имаше грутки.
Следниот ден ситуацијата
се стабилизираше и тргна на подобро. Тогаш и продолжив со водење на дневникот
на подои и полни пелени. По 7 дена, од кои 2 нередовни подои заради настанатата
ситуација, бебуш имаше одлична килажа.
Во оваа ситуација да не
беше Даница немаше да успеам да излезам на крај со болната града и сигурно ќе
завршев со комплициран случај на мастит. Советничките за доење од Женски центар
Астарта не можат да се споредат со ниеден педијатар во Македонија кога станува
збор за доењето. Знаењето, пожртвуваноста, посветеноста ги прават посебни. Знам
дека несебично помаат на безброј мајки да имаат успешни доенички приказни.

Синко беше на ексклузивно доење до полни 6 месеци. На 3-4 месеци имаше многу изразен скок во развој. Се се сврте наопаку. Не сакаше да цица, па морав да го заспивам и да го дојам во полузаспана состојба. Подоцна и ова не помагаше, за на крај да сфатам дека дечкото сака да цица легнат. Оваа состојба на борење траеше точно еден месец. Но, на крај продолжи да цица само легнат. Немаше шетање, немаше излегување. Мораше да има кревет за принцот, за да се излежава додека цица.
Еднаш дури морав да
легнам на трева во Гратски парк, за да го надојам. Тоа беше во правата смисла
на зборот, КАДЕ САКА, КОГА САКА, КОЛКУ САКА и КАКО САКА ☺
Сам ме одби, исто како
првиот син, на 15 месеци. Моето доење, во двата случаеви беше успешно.
Горда сум на себе што не се откажав во ниеден момент. Ниту кога болеше, ниту кога крварев, ниту кога не спиев по 24 саати. Не се откажувајте ни вие. Природата ги створила градите за доење, искористете ги максимално.
No comments:
Post a Comment